| четврток, 6 декември 2018 |

Собрание: Донесен новиот закон за медијација

Собранието на Република Македонија денеска во попладневниот дел на 80. седница со 53 гласа „за“, девет против и ниту еден воздржан го донесе Дополнетиот предлог закон за медијација.

Новиот закон, според образложението на Министерството за правда, ќе овозможи сосема поинаков и поефикасен систем за посредување, со проценка на работата на медијаторите. Со него се опфатени начелата на посредување усогласени со Директивата на Европската унија 2008/52 за посредување во цивилните и економските спорови.

Пратениците од опозициската СДСМ најавија дека нема да го поддржат законот. Оценија дека целосно отстапува од концептот на првичното законско решение за уредување на медијацијата, не содржи одредби од европското право и нема да ја унапреди работата на медијаторите. Според СДСМ, се овозможува медијацијата да биде исполитизирана.

Заменик-министерката за правда Билјана Бришковска Бошкоски укажа дека се креира систем на медијација што ќе се темели на оценување и следење на квалитетот на медијаторите.

– Потребно е и зголемување на квалитетот и стручноста затоа што со новиот концепт доаѓа до задолжителна примена на медијацијата во одделни случаи, наведе Бришковска Бошкоски. Таа очекува со новото законско решение значително да се зголеми бројот на решевање спорови со медијација, по примерот во Европската унија, каде тој концепт  е еден од најуспешните алтернативни начини за решавање.

Пратениците расправаа и за Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата.

Со новиот закон, според образложението на Министерството за труд и социјална политика, се подобрува финансиската состојба на самохраните родители корисници на право на посебен додаток за дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот. Се воведува полагање стручен испит за директорите на установите за деца, стручни работници, стручни соработници, воспитувачи и негуватели во установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст…

Поради тоа што се усвоени повеќе од една третина од членовите на Дополнетиот предлог-закон, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски рече дека ќе се подготви и правно-технички ќе се уреди текстот на овој закон.

Пратениците во попладневниот дел на седницата, донесоа повеќе законски решенија од економската сфера и изгласаа ратификации на спогодби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top