| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ: Раст на депозитите и зголемено кредитирање

narodna banka makedonijaНародната банка на Република Македонија очекува натамошното економско закрепнување да предизвика постепено јакнење на кредитната активност на банките насочена кон корпоративниот сектор. Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал се истакнува дека почетокот на закрепнувањето на реалниот сектор во текот на 2013 година придонесува за растот на активата и на депозитното јадро на банките.

Карактеристично за третиот квартал е тоа што главен носител на растот на депозитите кај банките беше корпоративниот сектор, за разлика од претходните квартали кога тоа беа домаќинствата. Од друга страна, главен носител на растот на кредитирањето и натаму се домаќинствата, додека кредитите кон корпоративниот сектор бележат намалување.

Од НБРМ очекуват дека покрај економското закрепнување кон јакнењето на кредитната активност ќе делуваат и мерките на монетарната политика преземени во претходниот период, коишто се однесуваат на поттикнувањето на кредитната активност, управувањето со ликвидноста од страна деловните банки и развојот на пазарот на капитал.

Покрај овие мерки, се очекува дека и дополнителната мерка за управување со ликвидносниот ризик ќе придонесе за зголемувањето на кредитната поддршка на реалниот сектор.

Внимателноста при кредитирањето се огледа и во тоа што, во третиот квартал, банките ги насочија половината од новите извори на средства во ликвидни инструменти, што, пак, од своја страна придонесе за натамошниот раст на ликвидната актива и зајакнувањето на ликвидната позиција на банкарскиот систем.

Адекватноста на капиталот веќе подолг период е над 17%, што е далеку над законски пропишаниот минимум. Во третиот квартал, почнаа да се чувствуваат ефектите од новата регулатива за третманот на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, што придонесе за дополнителен раст на сопствените средства на банките.

Во текот на првите девет месеци од 2013 година е забележано мало, но постојано подобрување во показателите за ефикасноста на банкарскиот систем, под влијание пред се на растот на нето каматниот приход и падот на оперативните трошоци. Добивката на банкарскиот систем остварена во овој период е речиси двојно поголема, од добивката остварена во истиот период од претходната година.

Во целина, банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и отпорност на шокови. Очекувањата за натамошните движења се оптимистички и се поврзани пред се со позитивните економски придвижувања и нивниот преносен ефект врз остварувањата на клиентите на банките од реалниот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top