| четврток, 6 декември 2018 |

Од берзанска информација, преку лажен идентитет до 112.000 долари туѓи пари

berza

Шестмина од демирхисарско заедно, меѓу кои еден брокер од САД заедно со директорот на Комерцијална банка – Битола, се здружиле за да извлечат над 100.000 долари од американска банка, но биле откриени.

Според МВР, СВР Битола до надлежното ОЈО Битола поради постоење основано сомнение за сторени повеќе кривични дела поднесе кривична пријава против шест физички лица и едно правно лице: Џ.Р. (60) од с. Обедник – Д. Хисар, кој живее во САД, (за сторени кривични дела – “измама“ и “фалсификување на исправа“), П.А. брокер во брокерска куќа Newbridge Securities Corporation – New York, (за сторено кривично дело – “измама“), С.Р. (69) од с.Обедник-Демир Хисар, управител на ДООЕЛ “Ресуфи“- Д.Хисар, (“измама“ и “фалсификување на исправа“), М.Р. (55) од с.Обедник – Д.Хисар ((“измама“), Т.Н. (49) од Битола, (“измама“), П.Ѓ. (38) од Битола, директор во “Комерцијална Банка“ АД Скопје-филијала Битола, (заради постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело – “несовесно работење во службата“ и кривично дело -“злоупотреба на службената положба и овластување“), како и против правното лице “Ресуфи ДООЕЛ“ – Демир Хисар, со седиште во с.Обедник-Д.Хисар (“фалсификување на исправа“).

Имено целиот случај започнал кога второпријавениот П.А. брокер во брокерска куќа Newbridge Securities Corporation – New York, во својство на одговорно лице со посебни овластувања, се стекнал со берзански информации и податоци за паричните средства и личните податоци на пријавителот, оштетениот А.Ј. од Белград и истите неовластено му ги предал на првопријавениот Џ.Р.

Потоа првопријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист, користејќи го познанството на неговиот брат третопријавениот С.Р. со шестопријавениот П.Ѓ. директор на филијала, со употреба на невистинита лична карта со матичен број искористен од граѓанин на Битола, на која имало грешки и невистинити податоци, со лажно наведена адреса на живеење (адресата на петтопријавената Т.Н.) во средината на јануари годинава, поточно на 14.01. лажно пријавувајќи се како А.Ј. го довел во заблуда благајникот-трезорист во посочената филијала да му отвори девизна тековна с-ка при што се потпишал на Договорот за девизна тековна сметка искористувајќи го лажниот идентитет.

Џ.Р. изготвил и невистинита исправа-заверено писмо со фалсификуван печат од Нотар во Битола, до Банка во Њујорк, која претставувала налог за трансфер на пари и на истата го оставил и мобилниот телефон од четвртопријавениот исто така негов брат М.Р. Преку овој телефонски број банкарите од САД контактирале со М.Р. кој помогнал во вршењето на делото претставувајќи се како налогодавач и сопственик на паричните средства. Банката од Њујорк на адресата на Т.Н. доставила писмено известување за доспеан прилив и трансфер на 112.129,53 USA $, при што на ден 22 и 23.01. годинава на девизната тековна с-ка на “фиктивниот“ А.Ј. биле исплатени во валута – 47.000 USD и уште 65.679 USD во денарска противвредност во висина од 2.988.395 денари со што првопријавениот противправно се стекнал со вкупно 5.101.894 денари.

Третопријавениот С.Р. во својство на управител на “Ресуфи“ ДООЕЛ Демир Хисар, на ден 01.02. годинава потпишал формулар од Комерцијална Банка АД Скопје-филијала Битола, со невистинити податоци од лажната лична карта на А.Ј. со што практично го овластил сопствениот брат Џ.Р. да располага со паричните средства на правниот субјект “Ресуфи“ ДООЕЛ Демир Хисар, со намера да ја прикријат противправно стекнатата имотна корист. Овој формулар С.Р. му го предал на П.Ѓ. кој во својство на одговорно лице-директор на филијала Битола, со искористување на својата службена положба, спротивно на правилникот за работа, од својата канцеларија со користење на сопствената шифра, лично ја отворил фирмата и го внел овластувањето, без притоа за оваа работа да го задолжи референтот за платен промет во филијалата, со што му нанел штета на матичното претпријатие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top