
Шкотскиот тартан и твид се едни од главните актери во модната приказна за оваа сезона. И француските дизајнери на високата мода, како и тие помалку познатите, кои се занимаваат со таканаречената „улична мода“, се согласија дека карираните дезени и топлите волнени материјали се вистински хит оваа сезона.
Кроеви инспирирани од 30-тите и од 40-тите години на минатиот век веќе видовме во ревиите и новите колекции на „Луј Витон“. Волнениот материјал, твидот, под дизајнерската палка на „Шанел“ со години наназад претставува елеганција во разни облици. Од палта, женствени панталони, здолништа и костуми, кои никогаш не излегуваат од мода, легендарната Коко Шанел твидот, тој „машки“ материјал, го направи многу женствен. По неа тргнаа и другите дизајнери како Долче и Габана и Хајдер Акермен.

Оваа сезона им се придружуваат и уличните марки, кои во своите модели од есенско-зимските колекции, исто така, ги вметнаа твидот и карираните ткаенини.
Креативниот директор на „Хобс“, Карл Хенри е инспириран од триесеттите години на минатиот век и тој ја одбра шкотската тема бидејќи смета дека тартанот и твидот заедно се многу добро прифатени од страна на купувачите.
Нивната колекција вклучува чевли, карирани и точкасти свилени блузи со плисирани здолништа и твид со разни дезени.

Дизајнерското трио на британскиот „Топ шоп“ е инспириран од четириесеттите години на минатиот век. Тежок твид раслоен со фини, елегантни бои како кафената, сината и сивата боја е главен адут оваа зима. Во нивната понуда има и мантили со ремен, во стил на принцезата од Велс, во зелени и сиви нијанси.
Без разлика на моделите што ќе се носат оваа зима, клучна ткаенина низ целата сезона ќе биде карото и твидот со разни додатоци, кои најчесто доаѓаат од британското и од шкотското подрачје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


