| четврток, 6 декември 2018 |

Двајца инкасанти на патарина делеле бели ливчиња наместо фискални

Patarina

Двајца инкасанти на патарина од Тетово наместо фискални, на возачите им давале бели ливчиња, и тоа им успевало да го работат три дена пред да бидат откриени.

СВР Тетово поднесе кривична пријава за Ј.А.(52) од Тетово, инкасант за наплата на патарина во ЈП за државни патишта за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. На 24 септември и на 19 и 20 октомври 2013 година пријавениот повеќе пати при наплата на патарина на патнички возила наместо фискални билети давал бели ливчиња, а исто така еден ист фискален билет кој не бил подигнат го давал на друго возило, притоа паричните средства од наплатата ги задржувал за себе.

СВР Тетово поднесе кривична пријава за И.Џ.(45) од Тетово, инкасант за наплата на патарина во ЈП за државни патишта за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. На 19 и 23 октомври 2013 година, пријавениот во повеќе наврати при наплата на патарина на патнички возила наместо фискални билети давал бели ливчиња, притоа паричните средства од наплатата ги задржувал за себе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top