До ден-денес не се знае многу за американско-саудиската криза од летото 2001 година и за планот на саудиската влада радикално да го смени курсот на дејствување, со што требало да се стави крај на координираната политика со Вашингтон.
За нападите од 11 септември се одговорни Осама бин Ладен и Ал Каеда, а нападите се извршени без каква било поддршка од некоја странска влада, соопшти Белата куќа по истрагата на американските безбедносни служби на извршителите, нарачателите и мотивите за најголемиот терористички напад во историјата на САД.
Сепак, јавноста во Америка, но и пошироко, до ден-денес се сомнева во официјалната верзија на истрагата, пред сѐ, поради неразјаснетите детали кои го следеа настанот, но и поради информациите до кои дошле ЦИА и ФБИ, а Белата куќа никогаш не ги објави јавно. Таков е случајот и со извештајот за истрагата на Конгресот, каде што се цензурирани 28 страници по наредба на претседателот Џорџ Буш. Едни од ретките што ја прочитале содржината на извештајот, конгресмените Валтер Џонс и Стефен Линч, биле „шокирани“ од степенот на вмешаност на една странска држава во нападите. Името на државата не го откриле за да не го прекршат федералниот закон, но затоа му предложиле на Конгресот да побара од претседателот Барак Обама да го декласифицира целиот извештај од 2002 година.
Додека се чека декласифицирањето на спорниот дел од извештајот, некои информации веќе протекоа во јавноста. Избришаните страници со информации што се засноваат на документи обезбедени од ЦИА и од ФБИ, се однесуваат на сојузникот на САД – Саудиска Арабија. Саудијците ја негираат вмешаноста во настаните од 11 септември, но ЦИА смета дека има несоборливи докази дека претставници од Владата на Саудиска Арабија, меѓу кои и високи дипломати и агенти од разузнавачките служби, им помагале на киднаперите и финансиски и логистички. Според тие документи, Амбасадата на Саудиска Арабија во Вашингтон и конзулатот во Лос Анџелес директно ги помагале терористите, со што нападите не се само терористички акт, туку и акт на војна.
МН: Кои сѐ помагале во терористичките напади?
Документите обезбедени од ЦИА и од ФБИ содржеле информации за имиња, места и настани каде што саудиските дипломати биле во контакт со директните учесници во терористичкиот напад. Во Лос Анџелес главен организатор бил дипломатот од конзулатот на Саудиска Арабија, Фахад ал Тумери, кој организирал група за пречек на Калид ал Михдар и на Наваф ал Хазми, (двајца од киднаперите) при нивното пристигнување во градот во 2000 година. Еден од тимот за пречек бил саудискиот разузнавач Омар ал Бајуми, кој ги напуштил САД два месеци пред нападите. Дипломатот, пак, бил депортиран веднаш по нападите. Пред да избега од Америка, разузнавачот и уште еден саудиски агент, Осама Баснан, развиле оперативна база во Сан Диего, така што обезбедиле соби, телефони и организирале тајни средби со проповедникот Анвар ал Авлаки, поддржувач на Ал Каеда.
Американските тајни служби, исто така, откриле дека амбасадорот на Саудиска Арабија во САД, принцот Бандар, (кој бил личен пријател со претседателот на САД, Џорџ Буш) и неговата сопруга му испратиле чек со 130.000 долари на агентот Баснан додека тој се грижел за киднаперите на авионите. Принцот се правдал дека парите биле наменети за лекување на болната сопруга на Баснан и покрај тоа што било утврдено дека парите завршиле во рацете на терористите.
Освен тие пари, била откриена уште една банкарска трансакција која водела од принцот и амбасадата до Ал Каеда. Поради тоа, банката Ригс во 2004 година ги откажала услугите за Саудијците. Следната година биле откриени уште неколку вработени во амбасадата што биле поврзани со терористички дејности поради што официјален Ријад го повлекол амбасадорот во својата земја по повеќе од 20 години дипломатски активности во САД.
Еден од настаните за кои американските служби немаат цврсти докази е престојот на висок владин претставник на Саудијците, Салех Хусеин, вечерта пред нападите, во хотелот „Мериот резиденс ин“, близу аеродромот „Дулес“ – истото место каде што престојувале и тројцата терористи чија цел беше Пентагон. Иако е докажано дека биле во истиот хотел, ФБИ никогаш не дознала дали Хусеин имал средба со киднаперите на авионот таа вечер.
Во големиот заговор се споменува и името на Есам Газави, советник на внукот на саудискиот крал Фахд, во чија куќа во Сарасота, Флорида, престојувале водачот на групата киднапери, Мохамед Ата, и уште неколкумина. Две недели пред нападот луксузната куќа била напуштена. И покрај инсистирањето на поранешниот сенатор на Флорида, Боб Грахам, ФБИ не дозволила да биде објавена ниту една информација и за тој случај.
Весникот „Њујорк пост“, повикувајќи се на агенти што учествувале во истрагата, пишува дека истражувачите што работеле на откривање траги за вмешаноста на саудиската амбасада биле отповикувани од случајот. Само еден ден по средбата на претседателот Буш со саудискиот амбасадор, принцот Бандар, во Белата куќа, ФБИ евакуирала од САД десетици официјални лица на Саудиска Арабија вклучувајќи и членови на семејството на Осама бин Ладен. Дел од семејствата на загинатите во терористичкиот напад изразуваат длабоко сомневање дека Белата куќа ги крие доказите за вмешаноста на саудиската влада поради што почнаа кампања со која бараат од нивните претставници во Конгресот да се донесе резолуција со која ќе станат јавно достапни цензурираните 28 страници од извештајот.
До ден-денес не се знае многу за американско-саудиската криза од летото 2001 година и за планот на саудиската влада радикално да го смени курсот на дејствување, со што требало да се стави крај на координираната политика со Вашингтон. Еден од ретките што пишувале на оваа тема е новинарот и писател Пол Спери. Тој, споредувајќи ги новинарските извештаи од тој период со дел од доверливите информации од спорниот дел од извештајот, се обидува да го одгатне мотивот за терористичкиот акт.
Кој е мотивот за нападот?
Официјалниот став на Белата куќа е дека за терористичкиот напад единствено се одговорни Осама бин Ладен и неговата Ал Каеда, но Спери смета дека заговорот на Саудијците од летото во 2001 година може да биде почетна точка за понатамошно развивање на теориите за мотивите на нападот. Токму поради тоа, новинарот, но и други аналитичари, смета дека во обидот да се утврдат мотивите за нападот треба да се имаат предвид поларизацијата на односите по нападите и американско-саудискиот конфликт од пред 12 години. Сепак, за да се добие целосна слика за настаните од 11 септември, освен што треба детално да се истражат врските на саудиските дипломати со киднаперите на авионите, исто така, треба да се одговори и на прашањето зошто американската администрација упорно се обидува да избегне истрага за овие аспекти.
Тоа што е познато е дека по уривањето на кулите-близначки во Њујорк, Саудијците не само што се откажаа од планот за дистанцирање од политиката на Вашингтон, туку заедно со Пакистанците станаа уште поблиски сојузници на САД. Тоа не беше одлука на тамошните влади, туку едноставно беа принудени на таков чекор поради екстремната поларизација на односите на Америка со остатокот од светот – или сте со САД или со терористите.
(текстот е објавен во 68. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.