| четврток, 6 декември 2018 |

Нема распуст порано – Собранието не ги изгласа заклучоците за Информацијата за загадувањето на воздухот

Zagaduvanje vozduh protest_002

Собранието на Република Македонија вечерва не ги изгласа заклучоците за Информацијата за загадувањето на воздухот во Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата.

Координаторите на пратеничките групи не успеаја да ги усогласат ставовите во врска со заклучоците со министерот за животна средина Абдулаќим Адеми, како што предложи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева.

– Владата беше подготвена да прифати некои од предложените заклучоци од страна на опозицијата со цел да се усвојат како усогласени заклучоци. Меѓутоа не успеавме да се усогласиме за некои од заклучоците. Го прифативме заклучокот број 5, 6, 7, 11 и 13 со цел да изразиме готовност за давање заеднички придонес и за изразување на заедничка вознемиреност и грижа како Парламент и како Влада, рече министерот за животна средина Адеми.

Некои од предложените заклучоци од опозицијата веќе се во сила, информираше тој, и се спроведуваат во практика.

– Сакам да го реафирмирам апелот на Владата и да ги уверам граѓаните дека ние ќе продолжиме и понатаму да бидеме посветени на исполнување на нашите обврски со цел оваа состојба да се надмине, рече Адеми. Во однос на продолжувањето на рокот за имплементација на оперативните планови односно за „А“ интегрираните дозволи, министерот рече дека дека Владата нема да го продолжи рокот кој истекува во април 2014 година. Демантираше дека не се вистинити тврдењата дека Владата одлучила да го продолжи овој рок за дополнителни пет години.

Во дискусиите на координаторите на пратеничките групи кои се обидоа да ги усогласат заклучоците преовладуваа обвинувањата за тоа кој што не сакал да прифати.

Пратениците од опозицијата во своите дебати обвинуваа дека Владата требала да навреме да преземе мерки за да спречи загадувањето на воздухот, дека во сите градови нема мерни и станици, дека децата треба порано да одат на распуст и друго. Тие исто така се навраќаа на настаните околу 24 декември, притоа изнесувајќи низа напади на сметка на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои одговараа на вербалните напади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top