фотографии: Александар Ивановски, Република
Поради обид за убиство на кочанецот Драганчо Стојменов, познат како Дацо Борачот, на 13 ноември 2011 година, лихварство, насилство, недозволено поседување оружје, измама и злосторничко здружување, Основниот суд Скопје 1 пред два часа им изрече пресуда на 16 обвинети во случајот. Случајот е познат во јавноста како Детонатор, односно заплената на нелегални апарати за покер, но по 21 месец судски процес (овој беше повторен), обвинителството го повлече обвинението за апаратите, но го задржа за спомнатите кривични дела. Осудените се претежно од Кочани и од Виница.
Осудени се:
Игор Горански, за злосторничко здружување, обид за убиство, лихварство и измама на вкупно 13 и пол години затвор.
– Ова е срамота! Само тоа имам да кажам. Барам да ми го укинете притворот – рече Горански.
Сашко Стојчев, кој е во бегство, е еден од двајцата кои добија доживотен затвор, исто така е осуден за злосторничко здружување, обид за убиство, лихварство, измама и насилство.
Жан Железарски, еден од двајцата кои се заканувале на судијата, доби 14 и пол години затвор за злосторничко здружување, обид за убиство, лихварство и измама.
Горан Божиновски, вториот кој се заканувал на судијата, доби 12 и пол години затвор за злосторничко здружување, обид за убиство и измама.
Јорданчо Михајлов, кој дофрлаше кон обвинителката Вилма Русковска, доби 14 и пол години затвор за злосторничко здружување, обид за убиство и насилство.
Симеон Михајловски, вториот осуден кој е во бегство, доби доживотна робија за злосторничко здружување и обид за убиство.
Стојан Паликрушев доби 9 и пол години за злосторничко здружување, обид за убиство и насилство.
Тони Лесански доби 8 години затвор за злосторничко здружување и обид за убиство. Неговиот адвокат, Сашо Дуковски, кога се изјаснуваше за притворот на неговиот клиент, потенцираше дека Лесански го признал кривичното дело и дека казната е соодветна на делото.
Далибор Алексовски беше осуден на 5 и пол години затвор за недозволено држење оружје и распрскувачки материјали.
Милан Арсов доби 2 години за злосторничко здружување.
Ванчо Ќорпашев исто така 2 години, но за лихварство.
Горан Кузмановски доби 4 и пол години затвор за злосторничко здружување, измама и недозволено држење оружје.
За Сашко Стојменов обвинителот го повлече обвинението.
Димитар Јованов доби 2 и пол години затвор за недозволено држење оружје и распрскувачки материјали.
За истото кривично дело иста казна доби и Ангел Андонов.
Горан Наунов е ослободен откако обвинителот го повлече обвинението против него.
Столе Трпевски доби 1 година и три месеци затвор за лихварство.
Судот ги задолжи осудените да му платат 520.000 денари (8520 евра) на оштетениот Драганчо Стојменов. Тој, па барал обесштетување од 12 милиони денари (скоро 200.000 евра).
На дел од обвинетите им беше продолжен притворот, на дел им беше заменет со куќен притвор, а на дел им беше сосема укинат до правосилноста на пресудата.
Под автомобилот на Стојменов на 13 ноември 2011 година беше подмената бомба. Направат експлодираше, но тој преживеа. Мајката на еден од осудените го обвини дека и тој бил криминалец со многи кривични пријави против него.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.