| четврток, 6 декември 2018 |

Вевчани подготвува неповторливо василичарско доживување

Вистинско василичарско доживување се подгототвува во Вевчани за традиционалниот Вевчански карневал што ќе се одржи во малку проширено издание од 10ти до 14ти јануари идната 2014та година. Богата музичка програма и интересни содржини за посетителите од сите возрасти се главниот адут на организаторите на карневалот што оваа година  се одржува под слоганот “Биди и ти вистински Василичар”.

-Целта ни е на претстојниот карневал да земат учество не само Вевчанци, туку во поворката со маски да се вклучат и посетителите на Вевчани, да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување. За сите нив ќе бидат обележани куќи на гостопримство, каде ќе бидат пречекани од домаќините и ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети,  изјавуваат организаторите.

Детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови што ќе започнат на 10-ти јануари со промоција на книгата на Ристо Никоски, а на 11-ти со вечер на афоризми со настап на 6 истакнати афоризмичари и концерт на КУД Дримкол Вевчани.

-Оваа година го враќаме и стариот добар обичај, односно ќе одбереме најдобра групна маска на која ќе и биде подарено буре црвено вино, исто како порано. Со овој адет и со поставување акцент на главниот адут оваа година, а тоа е гостопримство, сигурна е формулата за успешен настан – настан кој ја задржува својата традиција и обичаи’, изјави Мишо Китаноски.

Ѓорги Влајникиноски, претставник од кабинетот на градоначалникот, кој пак оваа година ја правеше анализата за музичкиот репертоар, изјави: „Музичката програма оваа година ќе биде една од најбогатите во историјата на карневалот. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12ти јануари кога главни ѕвезди на вечерта ќе бидат момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, Ван Гог. Дневни акустичните свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма, а за нив ќе биде задолжен етно составот Теодулија од Србија кои ќе настапуваат со македонски етно песни на чело со лидерот на групата Мима Шекуткоска –  која има потекло од Вевчани’’.

Вечер на македонски ѕвезди е предвидена за 13ти јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.
-Целата општина се заложува за беспрекорна организација на претстојниот карневал. Работевме детално, ги извлековме најдобрите активности од се што беше предложено и понудено и засега можам само да ветам дека не очекуваат навистина интересни содржини. Токму затоа ја поздравувам целата јавност и ја поканувам да  биде  дел од ова василичарско доживување’, изјави Г-дин Цветомир Угриноски, градоначалник на Општина Вевчани на вчерашната прес конференција.

Посетителите кои ги сакаат хуморот и сатирата, сакаат да бидат Василичари во Вевчани, на лице место ќе можат да си набават маски и под нив, да бидат дел од василичарската поворка и да го искажат се она што во себе го чувале изминатите 365 дена.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top