Четворица македонски и еден косовски државјани вчера се уапсени од полицијата поради шверцување на странски државјанки заради работа во ресторан, сопственост на еден од приведените.
МВР соопшти дека, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против пет лица од кои А.Г. (37), В.М. (26) и З.А. (45) сите од Тетово З.С. (47) од Скопје и лицето Б.Ж. (33) косовски државјанин поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – “Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 1 и 2 и „Криумчарење на мигранти“, предвидено и казниво по член 418-б став 1 и 2 од КЗ на РМ.
Првопријавениот А.Г. организирал криминална група, во која како членови се јавуваат останатите пријавени лица, која во угостителскиот објект “Бели 9“ (кој е во сопственост на А.Г., a го управувал заедно со неговиот брат З.A.), незаконито вработувала странски државјанки, кои не биле пријавени и здравствено и социјално осигурани. Дел од девојките кои работеле во угостителскиот објект, се откриени во акциска контрола извршена од страна на СВР Тетово, на 13/14 овој месец, при што во објектот биле затекнати вкупно 25 странски државјанки на кои им е одредена мерка -“забрана за влез во Р.Македонија“.
Криминалната група со цел стекнување на противправна имотна корист свесно и со умисла, незаконито вработиле во УО „Бели 9“ во Тетово, една албанска државјанка, иако знаеле дека истата има активна забрана за влез во Р.Македонија (oд 23.01.2013 година до 22.01.2014 година), при што организирале нејзино врбување, превезување, илегално пренесување, нејзино прифаќање и времено засолнување во УО “Бели 9“ во Тетово, каде истата потоа била нелегално работно ангажирана, со што пријавените ги сториле наведените кривични дела.
Имено, по претходен договор помеѓу второпријавената В.М. и албанската државјанка, на 30 минатиот месец, А.Г. го ангажирал лицето З.С.(кој работно е ангажиран во УО Бели 9), кој со сопствено возило требало да ја транспортира девојката од Тирана до Тетово, но по пристигнувањето на граничниот премин, од страна на албанските полициски службеници, на истата не и бил дозволен излез од Р.Албанија кон Р.Македонија бидејќи поседува “Забрана за влез во Р.Македонија“, по што се вратила во Тирана.
По неуспешниот обид, а по добиени насоки од страна на A.Г., лицето В.М. повторно стапила во контакт со албанската државјанка, при што и дала инструкции, со автобус да се упати од Тирана према Приштина, од каде во организација на А.Г., истата требало да биде прифатена, превезена и илегално пренесена од Косово на територијата на Р.Македонија.
Албанската државјанка на ден 05.12., со автобус се упатила кон Приштина, каде за нејзино прифаќање А.Г. повторно го ангажирал третопријавениот З.С., кој заедно со косовскиот државјанин Б.Ж., требало да го организираат илегалното пренесување на истата преку државната граница во Р.Македонија. По добиената задача З.С. на ден 05.12., со сопственото возило се упатил кон Приштина каде остварил контакт со косовскиот државјанин и ја прифатиле девојката, по што третопријавениот З.С. и четвртопријавениот Б.Ж., оствариле влез во Р.Македонија со возилото на З.С., додека албанската државјанка, во организација на косовскиот државјанин била илегално пренесена на територијата на Р.Македонија, од страна на НН лица ангажирани од Б.Ж. во близина на ГП Јажинце и повторно била прифатена од З.С. и Б.Ж. на македонска страна, по што е транспортирана до “Бели 9“. По пристигнувањето во угостителскиот објект, девојката била прифатена и засолнета од страна на второпријавената В.М. и нелегално работела во истиот, до извршената акциска контрола.
Завчера (21.12.), по издадени наредби од Судија на претходна постапка, извршени се претреси во угостителскиот објект “Бели 9“ и во три стамбени објекти, од кои два на подрачјето на Тетово и еден во Скопје, при што е пронајдено и одземено еден Лап Топ компјутер, телефонски апарати, СИМ картици од тел.броеви, еден метален сеф, поголема сума парични средства, Потврди за трансфер на парични средства преку Western Union и друго.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.