Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски, вели дека интересот за осмиот повик од програмата на ИПАРД е значително поголем од минатиот период.
– Пристигнати се 402 апликации до Агенцијата, а на седмиот пристигнаа 120 апликации. Интересот е голем, освен по бројот на апликациите и по вредноста на инвестициите за кои се бара кофинансирање. Потребниот износ за кофинансирање на проектите кои прелиминарно се разгледуваат и се одобруваат во Агенцијата изнесува околу пет милиони евра по само еден јавен повик – вели Димовски.
– Тоа е резултат на измените кои беа направени во програмата за ИПАРД и зголемените можности кои се нудат преку неа сега. Дојде до зголемување на плафоните за кофинансирање. Се опфаќаат поголеми инвестиции и се прошири лепезата на инвестиции која во претходниот период не беше толку голема. Со добра аргументација пред колегите од Директоратот за земјоделство се овозможи и вметнување на примарната механизација во оваа програма – додава Димовски.
Вчера беше дадена најава за новиот јавен повик од ИПАРД, кој ќе биде објавен во јануари 2014 година. Според него, земјоделците и бизнис-секторот ќе имаат можност да ги заокружат своите идеи, да ги преточат во бизнис-планови и да ги достават во утврдените рокови за аплицирање.
Димовски додаде дека се забележува квалитет во аплицирањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.