Министерот за правда Блерим Беџети, кој учествува на дводневниот форум ЕУ-Западен Балкан во Будва, денеска имаше свое обраќање посветено на „Реформата на правосудниот систем – предизвиците кои претстојат“, пренесува МИА.
Беџети се осврна на реформите на кривичното законодавство кои Република Македонија ги има преземено досега, а кои ја потврдуваат заложбата за поставување на долгорочна основа за ефикасно, самостојно и професионално правосудство, особено преку надградување на постојната законска регулатива од областа на правосудството во согласност со меѓународните стандарди, како и на имплементација на законите со цел натамошно зајакнување на независноста и зголемување на ефикасноста на судството, поедноставување на судските постапки и олеснување на пристапот на граѓаните до правдата.
Нагласи дека заокружувањето на целокупниот реформски процес во казнената област се изврши со донесувањето на новиот Закон за кривична постапка, кој почна со примена на 01.12.2013 година.
Од овие причини, министерот Беџети потенцира дека фокусот и еден од најголемите предизвици во претстојниот период ќе биде успешната примена на Законот кој претставува темелна реформа во уредувањето на кривичната постапка, заради што беа обезбедени предуслови за негова успешна имплементација како на нормативно, така и на институционално ниво, како и организационо и функционално јакнење на капацитетите на јавното обвинителство.
Со новиот Закон за кривична постапка е преуреден начинот на водење на истрагата и посебно е регулирана надлежноста на јавниот обвинител, како и неговата раководна улога во откривањето и гонењето на кривичните дела, а воведени се и нови институции – правосудна полиција и истражни центри на јавното обвинителство.
Воедно, министерот Беџети потенцираше дека се преземаат активности за унапредување на системот за утврдување на дисциплинска одговорност на судиите, согласно меѓународните стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права. Истовремено, продолжува реализацијата на активностите во однос на изборот на судии, новите одредби за дисциплинска одговорност и утврдување нестручно и несовесно вршење на работата на судиите.
На маргините на форумот, министерот за правда на Република Македонија Блерим Беџети и министерот за правда на Црна Гора Душко Марковиќ денеска потпишаа два договора од правосудната област. Станува збор за Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора за правна помош во граѓанските и кривичните предмети и Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора за меѓусебно извршување на судските одлуки.
Со овие договори ќе се овозможи зајакнување на меѓународната соработка во областа на граѓанското и кривичното право, ќе се зајакнат капацитетите на институциите за применување на правните норми, ќе се овозможи брза и ефикасна судска постапка, поголема правна сигурност на граѓаните на двете држави, поефикасно спроведување на судските одлуки помеѓу двете земји, со што се заокружува правната рамка во правосудната област на двете земји.
Во рамки на форумот министерот Беџети оствари билатерална средба со високи претставници од Министерството за правда на Италија. На средбата Беџети накусо ги презентираше реформите кои Република Македонија ги има воведено особено преку новиот Закон за кривична постапка и Законот за парнична постапка.
Претставниците од Министерството за правда на Италија на средбата ја потврдија посетата на италијанска делегација во Република Македонија во периодот од 14-16 јануари 2014 година. Во текот на посетата, како што стои во соопштението од Министерството за правда, ќе се одржат преговори за склучување на два билатерални договори меѓу двете држави за регулирање на меѓусебната правна помош во кривичната материја и екстрадицијата.
Воедно, претставниците од Министерството за правда на Италија, најавиле дека посетата на делегацијата ќе се продолжи на тридневен престој во Република Македонија, заради разгледување и на можноста за склучување на други билатерални спогодби во делот на антикорупциската област, кривичната постапка, како и инкриминација на компјутерскиот криминал. Во рамки на претстојната посета, предвидено е да се разгледа и можноста за користење на поддршка преку ИПА Проекти во правосудната област.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


