Кога револтот, омразата и национализмот му го остапуваат местото на здравиот разум, вербата во иднината и развојот на добро соседските односи, тогаш се случува она што популарно се нарекува чудо, иако во дваесет и првиот век, тоа би требало да се третира како вообичаена средба на двајца градоначалници. Но, со оглед на фактот дека станува збор за градоначалник на град од една држава, која со години наназад создава клима на омраза, недоразбирање и инциденти, при тоа кревајќи ја тензијата до значајно затегање на односите меѓу двете држави, тогаш реално е да се очекува дека присуството на еден ваков градоначалник на нашата земја ќе се издигне на врвот на најважните вести, кои ќе ги полнат насловните страници во двете земји.
Станува збор за посетата на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој на покана на Стопанската комора на Република Македонија престојуваше во еднодневна посета на нашата земја. Со него, како што и му прилега на еден градоначалник кој се грижи за развојот и напредокот на својот град, пристигна и делегација од стотина бизнисмени, кои во нашава земја видоа можност за соработка со домашните бизнисмени и институции во повеќе области. Тргнувајќи од соработката во туризмот, кој е еден мошне важен сегмент, особено за Република Грција, која годишно остварува значаен прилив на средства токму од македонските туристи, потоа преку соработката на македонските и грчките туристички агенции, па сѐ до можноста за воспоставување добри бизнис релации меѓу македонските и грчките фирми.
Ваквиот вид средби, кои не се добри само за развивање на добрососедските односи, туку и за развивање и подобрување на економската состојба на двете земји, несомнено дека треба да се смета за особено важна бидејќи, пред сѐ, станува збор за два града, кои се центар на економијата. Солун како сериозна дестинација за шопинг на македонските граѓани, и Скопје, како главен град на Република Македонија, во кој се наоѓаат речиси сите позначајни фирми од земјава и, секако, град кој од неодамна (долго време прв на листата беше Охрид) го зазеде првото место за најпосетувана туристичка дестинација. Токму затоа овој мини-самит во Скопје требаше да биде продолжување на делумната економска соработка меѓу двете земји или зачеток за одмрзнување на политичките односи, кои несомнено оставаат сериозни репрекусии врз економиите на Република Македонија и на Грција.
Но, што се случи? Оној што и во најдобрата желба, гест или намера ќе види само лоша слика, тогаш се разбира дека од гранките не може да ја види шумата! Ќе го види само она што сака да го гледа, односно она за што мисли дека треба да зборува и предизвикува омраза и страв. Токму тоа се случи. Оваа мошне значајна средба, која требаше да воспостави нови и успешни релации меѓу двете земји од страна на медиумите од Република Грција беше оценета како крајно дрска и предавничка, а градоначалникот на Солун беше речиси ставен на столбот на срамот.
УМЕШНОСТА НА ПОЛИТИЧАРОТ
И покрај жестоките обвинувања за предавство што како канонада ги доби од добар дел од грчките медиуми, солунскиот градоначалник, сепак, како многу позитивно го оцени ова роуд шоу на грчките бизнисмени во Скопје, истовремено потенцирајќи дека доколку дојде и од наша страна еден ваков предлог, тие со задоволство ќе го прифатат бидејќи, како што рече, поентата не е само скопјаните да го откриваат Солун, туку и солунчаните да почнат да го откриваат Скопје, пред сѐ поради тоа што од едната до другата дестинација ги делат само два часа возење.И сето тоа е во ред, но што станува со скопјаните кои се непожелни во Солун, односно оние на кои многу често им се оштетуваат возилата поради регистарските таблички, кои ја носат ознаката за Македонија? За секој друг грчки политичар ова прашање би било на линијата на провокација или најмалку вознемирување, но не и за Бутарис. Надвор од сите шеми на еден класичен грчки политичар, со неверојатна смиреност, мудриот Бутарис ваквите инциденти ги префрли на контото на членовите на Златна зора, за кои експлицитно потенцираше дека се осудени од цела Грција „Екстремисти постоеле и ќе постојат секогаш. Се докажа дека Златна зора, која ги прави тие работи, е криминална организација. Половина од членовите на Златна зора веќе се во затвор. Такви фанатични и ектремни ситуации треба да бидат остранети бидејќи цела Грција не ги сака тие случувања“, потенцираше Бутарис.
Дали поради неговите корени кои датираат од неговиот прадедо, кој е од Крушево, или, пак, сето тоа е плод на разумната политика што тој како перцепција ја созадал во себе, надвор од френетичните однесувања на други грчки политичари, Бутарис, мошне дипломатски одговараше и на прашањата кои се однесуваат на жешките политички прашања, кои со години нѐ оптоваруваат, како што на пример е прашањето за блокадата што неговата земја ѝ ја прави на Македонија. „ Јас не сум политичар, ниту се занимавам со надворешна политика. Но, Грција не е таа што забранува, всушност Европската Унија е таа што одлучува. Соседните држави треба да живеат меѓусебно. Проблемите постоеле и ќе постојат секогаш, и ако постои добро расположение, тие ќе се решат. Токму вакви средби ги зближуваат двете држави. Паметните политичари треба да го слушаат гласот на народот. Треба да стават вода во виното за да можеме да го испиеме, инаку не се пие виното“, ќе рече Бутарис комплетно растоварен од грчката политичка стерилност и сосема насочен кон она што би требало да биде основа на работа на секој градоначалник, односно развивање на економските релации со другите градови.
ЕКОНОМИЈАТА ПРЕД ПОЛИТИКАТА
Градоначалникот на Солун со својата посета на Република Македонија успеа да ги урне сите правила на грчката политика, која со години претендира изолација на каков било претставник на власта во нашава земја. Храброста за овој чекор несомнено се должи на неговото поимање за политиката, која, како што неколку пати изјави, не го интерсира. Неговата цел се економијата и равојот на соработката меѓу двете држави, а токму во оваа насока ги посочи и бројките за досегашната соработка на Скопје и Солун, односно на посетата на македонските граѓани на Солун, и колку е таа сериозна поткрепа за еконмијата за градот, но и за Република Грција.
Вака размислува сериозен градоначалник, кој си ја знае својата работа. Вака размислува градоначалник, кој во првиот ред на своите приоритети ја става економијата, која треба да биде главната точка на неговиот мандат бидејќи токму таа е тоа што го одржува стабилно градот со кој раководи, но во исто време и него го прави успешен татко на градот. Но, тоа го прават политичари кои се растоварени од дневната политика и кои, ако сакате, не се плашат од последиците што евентуално би можеле да ги понесат од чекорите или одлуките што ги носат, а се во спротивност со некоја генерална политика на државата. Можеби некој ќе рече дека тоа е непослушност бидејќи сите ние овде на Балканот сме навиканти да гледаме политичари кои комплетно се огледуваат во својот лидер, премиер или претседател, но големината на Бутарис е во тоа што тој умее да направи разлика меѓу почитување на државните и националните стратегии на својата земја, потребата од економско зајакнување и голо политиканство потребно за задоволување на нечии налудничави и одамна надминати напуштени идеи.
Не се сомневам во желбата дека тој навистина сака да воспостави подобри релации со Република Македонија и се разбира, пред сѐ, со Градот Скопје, од чии разговори со неговиот колега Коце Трајановски можеше да се забележи идејата за соработка во повеќе области. Но, морам да потенцирам дека храброста да ѝ се пркоси на генералната политика на Грција, која емитира комплетно игнорирање на Република Македонија со посети на грчки државници, е навистина голема. Впрочем, Бутарис е и првиот политичар што официјално ја посетува Република Македонија, што веројатно се должи на неговата идеја за проширување на дијалогот и напуштање на идеите за национализам што одредени групи граѓани ги прават во неговата земја. Но, тој ги игнорира нив затоа што верува дека соработката може да биде посилна од омразата, а економијата столбот кој ќе ги врзува двете држави.
Впрочем ако добро се погледнат економските показатели, многу добро ќе се забележи дека економската соработка и покрај грчката политичка блокада функционира добро. Најдобар доказ за сето тоа е присуството на грчките фирми во Македонија, но и присуството на стотината грчки бизнисмени во Стопанската комора на Македонија, од една страна, и, се разбира од друга, присуството на македонските граѓани, кои секогаш како дестинација за летните годишни одмори без размислување ја избираат Република Грција. Тоа е така затоа што економијата, како што треба, не ѝ го остапува местото на политиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст