| четврток, 6 декември 2018 |

Поштенските пратки или доцнат или се губат

posta_3

Граѓаните најмногу се жалат на неквалитетната и ненавремена достава на пратките, но има и поплаки за оштетување и за трајно губење, како и за нарушена дискреција на поштенски пратки и за недоставување во пооддалечените места во Македонија.

Ова го истакна директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски на осмата јавна седница на регулаторното тело што денеска се одржа во Скопје.
Тој нагласи дека доставата на пратките е законски гарантирано право за сите граѓани и додаде дека Агенцијата за пошти во текот на 2013 година по поднесени жалби од граѓаните изрекла повеќе мерки и санкции кон поштенските оператори.

– Кај нас неквалитетната достава на пратките најчесто се поистоветува со ненавремената достава, но ние сме свесни дека постојат и претставки на граѓаните, кои се поврзани со оштетување на нивните пратки и со трајно губење на пратките. Јавноста е сè повеќе свесна за постоењето на Агенцијата како институција што може да се соочи со нерегуларности при вршење услуги од страна на поштенските оператори. Тоа го потврдува и зголемениот број писмени претстапки и телефонски јавувања од страна на граѓаните – рече Атанасоски.

Поштенскиот пазар во Македонија во текот на 2013 година го покриваа 22 оператори, а Агенцијата за пошти издаде три нови овластувања за обезбедување поштенски услуги со неограничено време на важност, додека еден оператор престана да работи на пазарот по сопствено барање. Годинава им истекоа договорите издадени според стариот закон за поштенски услуги на три поштенски оператори од помало локално значење и тие го загубија статусот на даватели на поштенски услуги. Агенцијата првпат издаде лиценца на етаблирана такси-компанија, која подолго време работи со превоз на патници со своја мрежа низ целата територија на земјава.

Годинава се бележи квалитативен позитивен тренд на пораст на пакетските услуги, а забележителен е и интересот на фирмите за работа во поштенскиот сектор во делот на достава на нотарски писма и пратки кои потекнуваат од извршители. Извршени се повеќе плански надзори над давателите на услугите, а на почетокот на годинава извршен е и вонреден надзор над Македонска пошта за недоставување на месечни податоци за измерен квалитет на пренос на пратки за коресподенција за периодот од октомври до декември 2012 година.

По пат на јавен тендер избрана е компанија што континуирано ќе ја мери брзината на пренос на писмоносни пратки во домашниот поштенски сообраќај. Поднесени се и инцијативи за наметнување обврска на електронските трговци задолжително да имаат политика за достава на купената стока, како и да се зголеми вредноста од 45 на 150 евра за ослободување од плаќање царина за поштенски пратки.

Во изминативе пет години Агенцијата за пошти издала 37 дозволи со различен опсег за извршување на поштенски услуги. Во моментов поштенскиот пазар во земјава го покриваат повеќе од 20 компании и Македонска пошта како национален поштенски оператор.

Од вкупно ангажираните во поштенскиот сектор 2.288 вработени или 83,35 проценти се во Македонска пошта, а другите 16,65 проценти се ангажирани во приватните поштенски оператори. Македонска пошта има доминантен удел во поштенскиот пазар со учество од 98,3 проценти, а воедно националниот поштенски оператор доставил и преку 99 отсто од писмоносните пратки.

На 1 јануари 2015 година законски е предвидено да се случи целосната либерализација на пазарот на поштенски услуги во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top