| четврток, 6 декември 2018 |

Наместо на Мандела, му оддадоа почит на Фримен

Билборд во Индија кој е дизајниран да му оддаде почит на Нелсон Мандела, наместо фотографијата на легендарниот политичар, го краси онаа на актерот Морган Фримен.

Сликана од случаен минувач, фотографијата вчера се рашири по социјалните мрежи и медиумите. Постерот беше објавен во Коимбатор, во јужна Индија и е нарачан од локален трговец, пишува АФП.

Покрај фотографијата на Фримен, на билбордот се и Махатма Ганди, Мајка Тереза ​​и Мартин Лутер Кинг Џуниор и текстот во кој се наведува: „Меѓу денешните политичари кои не размислуваат подалеку од следниот изборен циклус, Нелсон Мандела беше лидер кој делуваше во корист на идните генерации. Им се придружи на Ганди, Мајка Тереза ​​и Мартин Лутер Кинг на 5 декември 2013 година. Му се поклонуваме, горди што ја имавме честа да живеме во негово време и ја поздравуваме неговата порака за љубов, ненасилство и жртва“.

– Ќе го замениме постерот и ќе ставиме слика од Мандела – изјавил нарачателот за локалните медиуми, додавајќи дека тој немал поим дека се случила грешка.

Актерот Морган Фримен го игра ликот на Мандела во филмот „Invictus“ од 2009 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top