Сезонските работници во кумановската фабрика за преработка на зеленчук „ДС фудс“ од Куманово, кои се жалеа дека грчкиот газда ги малтретира и затвора во фрижидери, сега тврдат дека се изложени на дополнителни малтретирања и закани затоа што ги обелодениле проблемите со кои се соочуваат, пишува Вест. Газдата дури им ги намалил и платите од 1000 до 2.500 денари затоа што биле непослушни.
„Добивме и јавна закана од Гркот дека ако се буниме пред медиумите, за ноември нема да видиме плата. Се служи со заплашување и со закани кон работниците. Ние дојдовме чесно да работиме, а тој нe искористува. Работиме по 9 часа, а тој ни плаќа за 8. Паузата да појадок ни ја одбива“, вели Кате Јовановска за „Вест“.
Инспектори од понеделникот го контролирале работењето на фабриката, откако работниците обелоденија дека газдата ги тепа и ги затвора во фрижидери. Вчера, додека педесетина сезонски работници протестирале пред влезот на фирмата, пристигнале и трудови инспектори.
„Пред неколку дена дојдоа инспекторите во 10 навечер. На портирницата имаат аларм и ги известија шефовите. Нас што работиме на пакување, нe скрија во коморите, а другите ги истераа зад фабриката ‘Искра’. Пред инспекција покажуваат дека нема работници, а сѐ беше подготвено за работа. И вчера пак беше инспекцијата и се распрашуваше кога сме зеле плата, но газдите тврдеа дека нѐ исплатиле, што не е точно“, вели еден од работниците.
Работниците тврдат дека работат во нехумани услови, а газдата ги тепал ако не го слушаат и ги затворал во фрижидери кога доаѓала инспекција. Им должел по неколку плати од минатата година, а не ги плаќа редовно ни годинава. Нивните обвинувања ги потврдија и од кумановскиот синдикат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.