
Царинската управа денеска ги презентираше поволностите кои произлегуваат од употребата на новите електронски системи Е-лоџ системот и Систем за електронско следење на трговијата со минерални масла кои содржат материја за обележување, што од 1 јануари 2014 година стануваат задолжителни за употреба.
Електронскиот систем за постапки со економски ефект овозможува електронско поднесување на сите барања за одобренија за постапки со економски ефект како што се за увоз за облагородување, царинско складирање, извоз за облагородување, преработка под царинска контрола и привремен увоз, како и поднесување на документи за следење на постапката за увоз за облагородување во електронски обработлив формат преку ХМЛ пораки.
Овој систем овозможува поволности како за имателите на одобренија, така и за Царинската управа, велат од Царината.
– Поднесување на барања и издавање на одобренија за постапките со економски економски ефект во електронски обработлив формат. Тоа значи дека сите податоци во барањата и во одобренијата се стандардни, и можат во целост да се користат за следење на спроведување на одобренијата, како од имателот на одобрение, така и од царинските службеници задолжени за контрола на спроведување на одобренијата.
Потоа може да се поднесуваат потребните документи во текот на користењето на одобренијата во електронска форма во електронски обработлив формат, наместо доставување хартиени документи или на електронски документи во необработлив формат (ПДФ, на пример) во системот се поднесуваат обработливи податоци.
Ќе се овозможи забрзување на постапката и намалување на обемот на движење на документи. – Со цел да се раздолжи постапката за увоз за облагородување, на пример, имателот на одобрение поднесуваше разни видови на извештаи во различна (електронски необработлива) форма, појаснуваат од Царината.
Системот е ставен во функција крајот на март 2013 година, и за него се донесени и објавени сите потребни упатства, како за надворешни, така и за интерни корисници. Исто така, одржани се сите неопходни обуки за царинските службеници и за надворешните корисници на системот.
Проектот за имплементација на Систем за електронско следење на трговијата со минерални масла кои содржат материја за обележување е обврска која произлегува од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите.
Проектот е подготвен со цел да обезбеди систем, кој ќе овозможи непречен проток на електронски информации помеѓу сите учесници во процесот на трговија со минерални масла кои содржат материја за обележување, преку регистрација на трговците и поврзување на терминалите кои се во сопственост на економските оператори со електронскиот систем на Царинската управа.
Од Царината сметаат дека со автоматизирање на административното одвивање на процесите ќе се зголеми ефикасноста при спроведувањето на царинските постапки, наплатата на приходи и контролите. Придобивки од развојот на овој проект имаат сите учесници во акцизната постапка (економски оператори, Царинската управа, други државни органи и општеството во целина). Системот ќе биде задолжителен започнувајќи од 01.01.2014 година.
Ова се само дел од проектите кои Царинска управа ги спроведува со цел подобрување на административните капацитете, забрзување и олеснување на царинските постапки. Царинската управа континуирано продолжува да работи на приближување кон законодавството на ЕУ и олеснување на работењето на бизнис заедницата,истакнуваат од Царинската управа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


