| четврток, 6 декември 2018 |

Црна Гора не дозволи отворање на руска база во Бар

Подгорица го одби барањето на Русија да отвори своја воена база во Бар, која би била логистичка поддршка за нејзината поморска флота во Середоземното Море, објави црногоркиот весник „Вијести“.

Повикувајќи се на извори во црногорската Влада, „Вијести“ наведува дека Црна Гора испратила негативен одговор на барањето од Русија, која не е сигурна дека ќе може да ја задржи својата поморска база во пристаништето Тартус во Сирија.

Сириското пристаниште има голем стратегиски интерес за Русија, бидејќи и овозможува да биде присутна во Средозмено Море. Имајќи го предвид воениот конфликт во оваа земја и можноста еден од условите за негово решавање да биде заминување на Русите од Тартус, Москва како алтернатива го избрала Бар, бидејќи сите останати земји во регионот „се или во НАТО или под влијание на Западот“.

Во црногорската Влада подолго време е разгледуван одговорот за Русите, а еден од најжестоките противници на договорот со Москва била министерката за одбрана Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ, наведува весникот.

Дел од црногорското образложение за одбивањето на руското барање содржи повикување на меѓународното право. „Вијести“ пишува дека евентуалната согласност на Подгорица за стационирање на руска војска во Бар би значело „крај на приказната за интегрирање на Црна Гора во НАТО“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top