Попладнево во Брисел ќе почне дводневниот состанок на Европскито совет, на кој се очекува да бидат донесени низа одлуки за иднината на Европската унија.
МИА од Брисел јавува дека според програмата шефовите на држави или влади на земјите-членки на Унијата, својата прва работна сесија ќе ја посветат на заедничката безбедносна и одбранбена политика. Заедно со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, предвидено е лидерите на ЕУ да дискутираат за развојот на одбранбените механизми и за засилување на европската одбранбена индустрија.
За време на работната вечера, Европскиот совет ќе се фокусира на прашањата за економската и социјална политика и Економската и монетарна унија (ЕМУ). Според претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј, првите луѓе на земјите-членки на ЕУ, заедно со првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги, ќе се фокусираат на банкарската унија и партнерството за создавање на работни места, економски раст и конкуренција.
Утре, пак, учесниците на самитот на ЕУ ќе се посветат на прашањата поврзани со можностите за раст и создавање работни места со фокус на стапката на невработеност кај младите и на финансирањето преку Механизмот за стабилност.
Пред крајот на средбата лидерите треба да усвојат заклучоци во однос на проширувањето на Унијата, каде е познато дека само Србија ќе добие „зелено светло” за започнување на преговорите за членство на 21 јануари 2014 година, додека Македонија ќе чека за еветуален старт на преговори до самитот во декември идната година. Исто така, на дневен ред ќе бидат и прашањата за имиграцијата и надворешните работи, со фокус на Источното партнерство и настаните во Централно Африканската Република.
Овој дводневен Самит на Европскиот совет е последен пред пролетните избори за Европскиот парламент, по кои ќе следува и избор на нов состав на Европската комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


