
Неоснован е стравот и фамата од вакцините, ова е ставот на Клиниката за детски болести во Скопје, која преку соопштение до јавноста ја објаснува важноста од имунизација. Според имунологот-педијатар Кристина Миронска од Клиниката, достапноста на медицинските и немeдицинските информации за вакцините во медиумите, особено на интернет и нивната интерпретација од нестручни медицински необразувани лица, доведуваат до оправдана забуна, сомнеж и страв кај родителите што претставува закана на целокупниот стратегиски план за заштита на пациентите поединечно.
– Донесувањето одлука дали ќе се спроведува вакцинација или не, кои болести ќе се превенираат, кои микроорганизми треба да бидат искоренети на глобално ниво е многу сериозен пристап, во кој учествуваат повеќе експерти од своите области на ниво на државата, регионот и светот. Ако сакаме да сме дел од светот, треба да ги почитуваме светските одлуки и правила. Веќе ги гледаме позитивните ефекти од вакцинациите. Најдобар пример за тоа е што денес немаме вариола вера никаде во светот. Човекот успеа да ја искорени оваа болест – вели д-р Миронски.
Од детската клиника немаат точен процент на несакани реакции по вакцинацијата, но велат дека тие не се чести и завршуваат без сериозни последици, а реакции со летален исход од Клиниката велат дека немале. На одделот за имунологија при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, постои отсек за несакани поствакцинални реакции, каде се примаат сите пациенти кај кои се јавила посериозна несакана реакција.
– Покрај лекувањето кај овие пациенти се врши иследување со цел да се откријат причините поради кои настанала несаканата поствакцинална реакција и се советува понатаму, како да се продолжи со имунизацијата. Обично локалните несакани реакции се лекуваат амбулантски, со совет за нега и терапија во дoмaшни услови, а оние кои се генерализирани се упатуваат кај анс и се хоспитализираат. Кај нас се упатуваат пациенти со реакции од типот на покачена температура, вознемиреност, малаксаност, долготрајно висoкотонско плачење, па дури и појава на грчеви. Може да се јават алергиски реакции, осипи, отоци, или може да се манифестираат знаци за инфекција, па во тој случај е потребна голема стручност, искуство и договорност за да се разграничи дали навистина се работи за поствaкцинална реакција, независна паралелна акутна инфекција или алергиска реакција врзана со вакцината или не. – додава Миронски.
Целоклеточната пертусисна вакцина е најобвинувана за појава на несакани реакции, а во последно време се повеќе се шири неоснован страв и фама од вакцината против морбили.
– Вакцината против пертусис како најобвинувана за несакани поствакцинални реакции е усовршена во начинот на производство, при што е постигната максимална ефикасност, а несаканите поствакцинални реакции се сведени на минимум. Во што се состои измената? Целоклеточната DTP вакцина се приготвува од ослабениот целоклеточен микроорганизам, кој внесен во организмот предизвикува создавање на имунитет, отпорност на организмот, кон него, а при тоа не може да предизвикаат ниту болест ниту несакана реакција. Во последните 15-тина години на одделот за имунологија при клиниката за детски болести, имунизираме пациенти со ацелуларна DTP по индикација, кај пациенти со утврдена имунодефициенција или со друга болест која „бара” таков вид на имунизација, според утврдените светски доктринирани ставови. Останатото здраво население досега, успешно се имунизирапе со целоклеточната DTP вакцина. Ацелуларната DTP вакцина е воведена во редовниот календар за имунизација скоро во сите околни држави. Во тек е постапка за воведување на ацелуларна DTP вакцина и кај нас во редовниот календар за имунизација во Македонија – објаснува Миронски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


