| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за култура ја поттикнува домашната класична музика: од 500 до 20.000 евра за авторите

Министерството за култура потпиша меморандум за соработка со институциите кои продуцираат и изведуваат класична музика – Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, информираше дека  програмата за поттикнување на домашната класична музика ќе трае четири години (2014-2017) и за целиот период ќе бидат издвоени 24 милиони денари, односно по шест милиони денари за секоја година.

Конкурс ќе биде распишуван еднаш годишно и ќе трае во текот на целата година. Министерството за култура ќе формира комисија која ќе ги евалуира пристигнатите дела и ќе избира од нив. Во неа ќе членуваат композитори, претставници на СОКОМ и СМУМ, домашни и странски автори и репродуктивни уметници, кои ќе се состануваат двапати во годината – во јуни и во ноември.

– Наградите за делата кои ќе бидат селектирани, во зависност од формацијата за која се создадени, ќе се движат од 500 евра за дела за аматерски состави, до 20.000 евра за крупни музичко-сценски форми, како опера и балет. По изборот на најдобрите дела, Министерството за култура ќе склучи договор со авторите,  во согласност со кој авторските права за покрупните форми ќе им бидат отстапени на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а за камерните состави, авторските права ќе му бидат отстапени на СОКОМ – рече Канческа-Милевска.

За да се исполни целта и избраните композиции  да не останат само напишани, туку и да стигнат на сцена, проектот предвидува за изведба на новосоздадените камерни дела СОКОМ преку аудиција да формира нов ансамбл. Во него ќе учествуваат членови на СМУМ и други музички репродуктивци кои во текот на годината ќе имаат своја концертна дејност во Македонија и надвор.

Канческа-Милевска истакна дека со четиригодишната програма за поддршка, продукцијата на овој вид музичко творештво ќе се зголеми најмалку за три пати споредено со тоа што е создадено во изминатите две децении.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top