| четврток, 6 декември 2018 |

Сите трудниците и 60-годишници ослободени од работа до 21 декември- дел од владините мерки заради загадувањето

zagaden vozduh740Од утре до 21 декември ослободени од работа ќе бидат бремените жени и лицата над 60 годишна возраст во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион поради загадувањето на воздухот кое деновиве е над дозволеното. Ова е една од повеќето краткорочни мерки што ги донесе Владата на седница поради неколкудневното континуирано загадување на воздухот во овие региони.
Портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев пренесе дека се препорачува работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на квалитетот на воздухот. Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено. Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап кон некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други.
Ѓоргиев информираше дека во наредниот период сите медицински установи ќе бидат подготвени да примаат евентуален зголемен број пациенти.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека исто така се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се забрани движење на товарни возила од периодот од 7 до 21 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат улиците.
Една од одлуките е инспекторатите да вршат засилена контрола на компаниите и капацитетите што имаат А и Б еколошки дозволи или кои се во процедура на нивно добивање. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите сервиси кои користат масло за греење.
Адеми истакна дека според мерењата што се извршени во изминативе неколку денови најголемо загадување во овие региони е забележано во периодите од 7:30 до 11:00 часот  и од 17:00 до 21:00 часот.
Ѓоргиев и Адеми информираа дека може Владата повторно да има седница во сабота, кога се очекува новата проценка на Управата за хидрометеоролошки состојби за временската состојба во земјата ќе се разгледа повторно состојбата со загадувањето во Скопје, но и во другите делови од земјата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top