| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Опозицијата ќе се изначека ако сака да не фати на кондиција

груевски 2

-Дадовме ветување дека ќе бидеме Влада што ќе работи најмногу до сега. Ние сме Влада што работи по 12, 15 часа дневно, работејќи и за викендите и празниците, давајќи се од себе за да го исполниме она што сме го ветиле. Затоа се трудиме да ги испорачаме сите работи што сме ги ветиле. Но најголем дел од работите успеавме да ги испорачаме 80% до 90% од ветувањата во исклучително тешки околности, во време кога владеачките партии во голем дел од Европа кренаа раце од она што го ветиле. Ние тоа не го направивме. Во секоја област, секој министер има обврска да си го заврши она што го предвидил и ветил.” -истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на отворена трибина во Велес во салата Бели Мугри.

Зборувајќи околу темпото на работа на ВМРО-ДПМНЕ тој порача дека и во иднина ќе се работи со несмален интензитет како и досега, дури и повеќе.

-Сме биле 7 години па на кондиција ќе не фатат. Морам да ви кажам дека ќе се изначекаат ако сакаат да не фатат на кондиција. Ќе продолжиме со исто темпо на работа и со контактот и присуството кај сите граѓани – напомена тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и за грижата кон целните групи, се осврна на зголемувањето на пензиите, зголемувањето на социјалната помош, но и најава за нови зголемувања во текот на идната година.

-Континуирана грижа за сите целни групи. Така за пензионерите во 2006 не ветивме зголемување на пензиите, не знаејќи каква е состојбата на Буџетот. Направивме одредени реформи со што ги зголемивме приходите, воведовме стабилна и праведна даночна политика, со намалени даноци секој да ги плаќа, обезбедувајќи повеќе средства во Буџетот. Во март исто така ќе ги зголемиме пензиите за 5%, исто така и социјалната помош, а во септември со новите проекции предвидено е зголемување на платите во јавната администрација – беа неговите зборови со што уште еднаш потврдивме дека се грижиме за сите целни групи во државата.

Зборувајќи за новите Гринфилд инвестиции кои секојдневно влегуваат во Република Македонија, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека и понатаму привлекувањето странски инвеститори ќе стане наш приоритет, воедно и зборувајќи за новата фабрика која треба да почне да се гради во Велес и напорното работење за намалувањето на невработеноста:

-Се бориме со сите сили да се најде начин да се отворат нови работни места. Многу проекти смисливме во едно тешко време да привлечеме нови компании и од домашни и од странски инвеститори. Крајната цел на нашите еконосмки политики е да отвориме нови работни места. Опозоцијата критикува кога сака да прави проблеми, драми и слично треба да ја знае линијата до каде. До некаде си прави за неа штета, а исто така и за државата. Инвеститорите ја следат ситуацијата и бегаат. Се надевам дека ќе ја научат лекцијата и тие. Пред некоја недела забележавте дека германскиот гигант ќе отвара фабрика во Велес. Нивниот претставник дојде и рече дека првите контакти Владата ги направила пред 5 години, уште во 2008. Во февруари или март ќе ја почнат градбата на фабриката во Велес која ќе вработи 600 луѓе. Тоа е добар знак дека е можно подоцна да отвори нови капацитети, истакна Груевски. Во тешко време во светска економска криза и во време на европска должничка криза каде што невработеноста секаде расте, ние ја намаливме. Дали сум задоволен? Не сум. Секогаш може повеќе.

Во делот на здравството, Груевски истакна дека се прават големи инвестиции во тој сектор, но се прават инвестиции и во обука на стручен кадар кој понатаму треба да им помага на граѓаните. Исто така напомена и дека заложбите на Владата на ВМРО-ДПМНЕ се да Македонија стане лидер во регионот и пошироко во однос на стручноста во здравството и нема да отстапи од тоа.

-Нема Влада што вложила толку многу во здравството во Македонија, но и тоа не е доволно. Вложивме 100 милиони евра во опрема, 100 милиони евра во реконструкции и градба на нови болници. Спроведуваме и проект за масовна обука на лекарите и медиционскиот персонал за најсовремени обуки. Си земавме за обврска и јас кога патувам на политички средби и министерот за здравство, а сега се вклучи и министерот за надворешни работи секаде каде што ќе отидеме ако има врвни болници да обезбедиме бесплатна обука за нашиот медицински персонал. Склучивме договор со 40 врвни болници, планот ни беше обуката да ја завршат 500 луѓе оваа година и толку и ќе завршат. И така секоја наредна година. Тоа е грижата која ја спроведуваме за граѓаните, со масовна обука на нашиот медицински персонал кој ќе им помага на граѓаните. Нашата цел е за 5-6 години да станеме лидери во поширокиот регион со стручен кадар кој што ќе го имаме – истакна Груевски.

Едно од најважните прашања кое ги засега граѓаните, ЕУ интегритетот и името на нашата држава, на тоа Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговори дека се трудиме цело време на изнаоѓање решение за името, но сепак Грција е таа која што е незаинтересирана и дефокусирана од моментално изнаоѓање на решение, се обидува да си ги реши своите проблеми внатре.

-Ние сме подготвени да ги почнеме преговорите, подготвени сме да преговараме за членство во ЕУ и НАТО и ќе бидеме и понатаму подготвени, правејќи реформи цело време, се додека тие не бидат подготвени да не примат, се разбира со целосен почит кон името и идентитетот и кон прашањата кои ги отвара јужниот сосед и без било какво решение ако тоа не е поминато на јавен референдум со сите граѓани на Р. Македонија, затоа што името на државата не е ниту мое ниту на татко ми, ниту на некој од министрите на Владата. Исто како и името на нашата нација, нашата држава и нашиот идентитет. Затоа и од 2005 до сега имаме кажано, ако дојде до компромис, може да дојде само со организирање на државен референдум, на кој што сите граѓаните ќе го кажат своето мислење, а Владата ќе го следи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top