| четврток, 6 декември 2018 |

Европската дипломатија на ГАК ќе решава за Македонија

бриселШефовите на дипломатиите на членките на ЕУ на состанокот на Советот за општи работи во Брисел ќе решат каков заклучок ќе добие Република Македонија, кој ќе биде изгласан на самитот на Европскиот совет в четврток и в петок од страна на шефовите на државите и на владите на земјите од ЕУ.

МИА од Брисел известува дека тоа што сигурно се знае е дека шефовите на дипломатиите и по петти пат едноподруго ќе ја одбијат препораката на Европската комисија за доделување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Според последните драфт-заклучоци договорени на ниво на амбасадори во ЕУ во рамки на т.н. КОРЕПЕР група, што минатата недела го објави МИА, за земјата се препорачува „Европскиот совет да се врати на препораката за отворање на преговорите со Македонија на следниот самит во јуни 2014 година“.

Тоа што сегашниот предлог-заклучок за Македонија го содржи има четири параграфи, при што во последниот се вели:

– Советот силно ја дели процената на Еврокомисијата дека политичките критериуми продолжува доволно да се исполнуваат и ја забележува препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со ПЈР Македонија. Со цел можна одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со ПЈР Македонија, Советот ќе се врати на прашањето во 2014 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за натамошното спроведување на реформите во однос на пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително и спроведувањето на политичкиот договор од 1 март и суштинските чекори за промовирање добрососедски односи и да постигне спогодбено и заемно прифатливо решение за прашањето за името, се наведува во клучниот предлог-заклучок на Советот за нашата земја.

Во предлог-заклучокот, параграф три за Македонија, а пред предлогот за можно отворање на преговорите во 2014 година, КОРЕПЕР групата го предлага следново:

– Како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и заклучоците на Советот за општи работи и Советот за надворешни во декември во 2008 година, одржување на добрососедски односи, вклучувајќи договорно и заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации – останува од суштинско значење. Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок, без одложување. Советот ги зема предвид последните контакти со посредникот на ОН, а во светлината на целокупната важност за одржување на добрососедски односи, Советот го забележува продолжувањето на контактите на високо ниво меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати, се вели во овој предлог-заклучок.

Во првиот параграф од сегашниот предлог-заклучок, кој е донесен на барање на Бугарија и на Грција, пак, се наведува дека „Советот забележува дека политичката криза што следуваше по настаните во парламентот кон крајот на минатата година предизвика длабоки поделби меѓу политичките партии, што влијаеше на функционирањето на парламентот и покажа потреба за конструктивна политика во национален интерес“.

Во продолжението на овој параграф се вели:

– Советот нагласува дека продолжувањето на спроведувањето на политичкиот договор од 1 март е клучот. Советот го поздравува фактот што на агендата на ЕУ останува стратешки приоритет на земјата и дека направи натамошен напредок во подобрување на способноста за преземање на обврските од членството. Советот, исто така, го поздрави придонесот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) за напредување во повеќето приоритетни области, вклучувајќи го и елиминирањето на судскиот застој и во борбата против корупцијата, стои во овој параграф од предлог-заклучокот.

Последниот предлог-заклучок, што во овој формат е параграф број 2 за Македонија, во однос на проширувањето пак, се наведува дека Советот ја нагласува важноста на ефективна имплементација и спроведување на постоечките правни и политички рамки.

– Посебно внимание треба да се посвети на владеењето на правото, вклучувајќи ја и независноста на судството и постигнување на понатамошни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Слободата на изразување и општата состојба на медиумите, исто така остануваат прашања од интерес. Преглед на Охридскиот рамковен договор, пак е особено важен за меѓуетничките односи и тоа мора да се заврши и неговите препораки да се спроведат. Стратегијата за Ромите треба проактивно да се имплементира. Замаглувањето на дистинкцијата меѓу државата и партијата треба да се реши, како што е нагласено од страна на ОБСЕ/ОДИХР во изборниот контекст. Високате стапка на невработеност треба да се реши, а управувањето со јавните финансии да се зајакне, се вели во овој предлог-заклучок.

Според високи извори на Унијата, се очекува да има измени во овие предлог-заклучоци и дека нешто ќе биде дополнето, нешто изоставено, со цел да се дојде до избалансиран и праведен заклучок за Македонија. Она што е сигурно е дека земјата нема да добие датум за преговори, но можно е да се даде посилен патоказ, иако Грција и Бугарија инсистираат на пожестоки услови со цел земјата да нема брз евроинтегративен напредок.

Во исто време, во однос на Србија е речиси сигурно дека ќе добие „зелено светло“ од Советот идниот месец и официјално да ги почне пристапните преговори за членство, преку формирање на меѓувладина конференција со ЕУ, додека за Албанија веќе е познато дека сега нема да добие кандидатски статус. Хрватска и други пријателски земји на нашиот западен сосед водат битка за Албанците да добијат услов дека би станале земја-кандидат идната година (со одлука на Советот во јуни или декември), ако исполнат некои нови услови што ќе и бидат поставени на оваа земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top