Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи расправата за предлог-буџетот за 2014 година.
Во текот на вчерашната дебата, која траеше до доцна вечерта, вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека буџетот ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализација на капитални инвестиции, кои, како што рече, се за 11 проценти повеќе во однос на оваа година и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.
– Едната функција на буџетот ќе биде да го компензира ефектот на сѐ уште слабата европска економија и со поголеми капитални расходи да се постигнат повисоки стапки на економски раст – рече министерот и додаде дека Македонија е единствена во ЈИЕ која има фискален простор да го одржи нивото на буџетски дефицит на повисоко ниво за да ја помогне македонската економија.
Опозицијата обини дека буџетот за 2014 година е неразвоен, нереален, со промашени проекти, уште едно предизборно манипулирање и купување гласови од пензионерите и од социјалните случаи, ветување дека ќе се зголемат платите на администрацијата. Пратениците од опозицијата сметаат дека тој не нуди можност за раздвижување на економијата и отворање нови работни места, напротив, ќе ги доосиромаши грѓаните.
Вкупните приходи на буџетот се проектирани на 158.343 милиони денари. Расходите на 176.514 милиони денари, а дефицитот е планиран на ниво од 3,5 проценти од БДП. Растот на економијата за 2014 година е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата ќе остане во зоната на ниските вредности од 3,3 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.