| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Продолжуваме со континуирана грижа за сите граѓани

Ветивме дека ќе работиме со засилено темпо, дека ќе дадеме се да ги исполниме ветувањата, дека постојано ќе се грижиме за интересите и потребите на сите граѓани и тоа во сите изминати години го правиме, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ од трибината што вечерва се одржа во Велес.

-Она што го ветивме пред изборите во 2006-та дека секоја година ќе бидеме присутни на јавна трибина пред граѓаните, останавме доследни и секоја година, еден тим од Владата, доаѓа, со вас дискутираме и ги слушаме вашите проблеми, размислувања, идеи и критики. По тоа ние значително се разликуваме од нашиот политички конкурент. На вакви настани тие доаѓаа само пред избори. Ние сме тука секоја година, тоа ви користи вам, за да ги решиме проблемите, но ни користи и нас затоа што политиката ја доживуваме на терен, со народот и со проблемите. Не е случајно што ВМРО-ДПМНЕ седум години ја добива довербата. Ние не се задржуваме во нашите канцеларии, ние ги слушаме граѓаните. Не зимаме за зло кога слушаме критики и гнев, туку се обидуваме да помогнеме. Останавме доследни на ветувањата и ќе продолжиме така, рече Груевски.

Тој посочи дека останаа доследни во континуираните реформи. Се исполнува програмата, но и оние работи кои нема да бидат ветени. Истакна дека нивната филозофија е да се наоѓаат реформи кои ќе направат промени кон подобро.

-Секој министер има обврска да ги исполни ветувањата и постојано да смислуваат начини во својот сектор, како граѓаните да имаат подобра услуга во министерството и во институциите. Нема запирање. Опозицијата не може да не следи иако има дваесет пати повеќе слободно време од нас. Велат ќе не фателе на кондиција, ќе се изначекаат ако сакаат да не фатат на кондиција. Ние овој начин на работа ќе продолжиме да го следиме, тој ни е како батерија. Ве уверувам дека ќе продолжиме доследно да работиме, со исто темпо и во односот со граѓаните и нашето присуство, но и во континуираните реформи. Тоа е карактеристика на оваа политичка гарнитура, истакна премиерот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека тие ја продолжуваат континуираната грижа кон граѓаните од сите категории. Така, луѓето плаќаат даноци, па има повеќе приходи во буџетот. Покачување на пензии не ветиле, но рече, пензионерите сепак добија зголемени пензии.

-Во Буџетот, кој треба да се изгласа во Собрание, е вградено зголемување на платите за јавната администрација. Многу држави намалија пензии и социјална помош, ние во ова тешко време, зголемуваме. Наоѓаме начини, чекор по чекор да дојде до тие зголемувања. Не само за овие групи на граѓани. Ние водиме континуирана грижа за оние кои се невработени. Со голем ентузијазам, се бориме со цела енергија, да се отворат нови работни места. Одејќи на многу места, правејќи презентација на државата, насочувајќи ги амбасадорите, подобрувајќи ја бизнис климата, се фокусиравме, Македонија да биде прва во светот по услови за правење бизнис, објасни премиерот.

Крајната цел на владините економски политики, рече премиерот, е да се вработат повеќе граѓани.

-Претставникот на гигантот кој сака да отвора фабрика во Велес истакна дека владата со него направила контакт во 2008-ма година. Кога опозицијата прави драми, треба да ја знае крајната линија. Да знае што прави за своја корист, а кога прави штета на државата. Ние од 2008-ма “бркаме“ инвеститор да дојде во Велес. Ние многу пати имавме средби со нив, со презентации, документи, се вклучи и градоначалникот. Во март догодина ќе почне изградба на фабрика која ќе вработи 600 луѓе во Велес. Она што посебно ме радува, инвеститорот купи поголем плац од она што му треба. Тоа е добар знак дека е можно подоцна да отвори нови капацитети, истакна Груевски.

Тоа е главната линија по која, според него,  треба да се оди за да се намали невработеноста. Невработеноста е многу намалена, но Груевски се уште не е задоволен. Рече дека ќе се засилат напорите за да се дојде до што помала невработеност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top