Владата во текот на утрешниот ден ќе излезе со интервентни мерки за справување со загаденоста во главниот град кои ќе бидат резултат на постојано следење на состојбата и продолжение на она што веќе на краток и подолг рок се прави за справување со овој проблем.
Мерките на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање треба да ги усвои Владата, која уште на минатата седница, имајќи ги предвид параметрите и временските услови кои не предвидуваат ветрови и врнежи кои можат да ја подобрат состојбата, ја задолжило оваа институција да ги изготви. Законот за заштита на амбиенталниот воздух предвидува интервенција на државата по десетдневно континуирано повисоко ниво на загадување.
Тоа, сметаат во Владата, не е ситуација која се јавува само сега, и е резултат на повеќе фактори. Него го имало и во минатото, но тогаш, како што велат, тоа не се мерело и не се преземале мерки за негово намалување. Загадувањето е резултат на поставеноста на градот Скопје во котлина, лошата урбанизација во минатото, особено изградбата на населбата Капиштец која го спречува струењето на воздухот од Водно и портата Влае која го спречува струењето од запад, но и несоодветната урбанизација на Дебар Маало.
Затоа, велат оттаму, не држат обвинувањата дека државата не презема ништо за да се справи со овој проблем. Во 1999 првпат е поставен систем за мерење, во 2007 година тој е осовремен и вработени се луѓе кои го одржуваат, а неодамна е формиран и Комитет за здравје и животна средина. Набавени се и мерни апарати кои ја одредуваат поврзаноста на
загаденоста со загадувачот и кои наскоро треба да бидат ставени во функција.
Како мерки кои и досега се преземале, а имале за цел да се намали и загадувањето, е гасификацијата на Клиничкиот центар, кој бил најголем загадувач, тоа е направено и со повеќе поликлиники и средни ушилишта, 100 проценти се гасифицирани топланите Исток и запад, набавени се 300 нови автобуси кои помалку загадуваат, а се спроведуваат и проекти
за енергетска ефикасност во училиштата и мали и средни претпријатија. Засадени се 20 илјади нови садници во градот, поставени се зелени коридори со ружи кои апсорбираат тешки метали. Како подолгорочен проект го потенцираат потпишувањето на договорот за гасоводот и натамошна гасификација на градот. Дури и увозот на стари автомобили
овозможил да се замени стариот возен парк кој бил голем загадувач.
Околу 80 проценти од компаниите веќе добиле А интегрирани еколошки дозволи, а тоа треба да го направат сите до април наредната година. Овие податоци, истакнуваат од Владата, говорат за тоа дека не држат обвинувањата дека не се презема ништо за да се справи со загаденоста. Доколку овие мерки не биле навремено преземени, сметаат оттаму, загадувањето би било многу поголемо од сегашното.
Вакви ситуации, покажуваат податоците, се јавуваат во голем број градови, кои, како и во Скопје, се прогласуваат за најзагадени во Европа. Дури во 115 поголеми градови, во кои живеат над 40 милиони жители, загадувањето е над дозволените граници поставени од СЗО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


