Билетите за автобуски превоз од февруари ќе може да се купат и преку интернет. Ќе се букираат од дома, од работа, од секое место со интернет без да се губи време за одење на станица. Обврската за електронска наплата на билетите за сите автобуски станици ја пропиша Министерството за транспорт во измени на Законот за патен сообраќај. Се очекува најголеми корисници да бидат помладите генерации кои почесто прифаќаат промени со развој на ИКТ.
Месер Омерагиќ, концесионер на Меѓуградската автобуска станица во Скопје и сопственик на автобускиот превозник „Рулетурс“, вели дека целиот товар за примена на новината паѓа на автобуските станици, но оти новината е чекор напред за зголемување на квалитетот на автобускиот превоз на патници.
Министерството со носење на законската уредба и со контролирање на спроведувањето си ги врши своите надлежности, но автобуските станици мора да инвестираат во софтверот и во сѐ што значи спроведување на ова законска одредба. Тоа нема да бидат големи трошоци за автобуските станици затоа што има можност повеќе автобуски станици да инвестираат во еден заеднички софтвер. Тоа е еден сегмент од работењето на автобуските станици и нормално е комплетната инвестиција да падне на товар на автобуските станици, вели Омерагич.
Со онлајн-купувањето, укажува, патниците не мора да ги ускладуваат останатите обврски со патувањето и да доаѓаат порано на станиците за да купат билет. Тоа ќе го прават навреме преку интернет и ќе патуваат без никакво брзање. Новината е добра и за автобуските станици затоа што се намалува гужвата, присутна особено во петоците. Тоа е олеснување на работата на превозниците и приближување до патниците за користење на услугите на автобуските превозници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.