Македонија имаше успешна економска година во 2013 година, растот најверојатно ќе изнесува околу три проценти, а постои умерен оптимизам за негово зголемување во наредните две години.
Ова во четвртокот во Скопје го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во обраќањето пред банкари, бизнисмени и претставници на значајни институции во рамки на ФИНЕКСО 2013.
Потсетувајќи дека во првата половина од годината Македонија оствари раст од 3,4 проценти, Ставрески информираше дека расположивите податоци укажуваат на проценките дека во третиот квартал ќе биде остварен раст на БДП од три проценти.
– Главни генератори на растот се капиталните инвестиции, кои го придвижија градежниот сектор, како и зголемениот извоз, придвижен од новите погони отворени од странските инвеститори во слободните економски зони – рече Ставрески.
Остварените резултати во оваа година, според Ставрески, се поволни, а постигнатиот раст е меѓу највисокиот во регионот.
– Со оглед на состојбата во европската економија и кај нашите главни трговски партнери, можеме да кажеме дека остваривме максимум. Од тој аспект гледано никој не може да биде пребирлив и да бара повеќе од тоа бидејќи немавме доволно побарувачка од Европа за да се оствари повеќе – изјави Ставрески.
Вицепремиерот изрази оптимизам во поглед на перспективите, кој го темели на заздравувањето на европската економија и на владините планови за нови, зголемени капитални инвестиции.

– Ако се гледаат перспективите, тогаш секако има простор за умерен оптимизам бидејќи европската економија е излезена од рецесија и за соседните 2014 и 2015 година се најавуваат позитивни движења, што ќе ни овозможи да оствариме подобри резултати во економијата од оваа година – рече Ставрески.
Тој најави дека владата за наредната година планира да ги зголеми капиталните инвестиции за 11 проценти на 365 милиони евра, а доколку се земат средствата кои се планира да ги инвестираат јавното претпријатие за патишта, таа бројка ќе достигне 525 милиони евра, што е 23 проценти повеќе од годинава.
Ставрески најави план за формирање на работна група која ќе детектира 20 до 30 македонски компании, кои би биле потенцијални добавувачи на фабриките отворени од страна на странските компании, со цел дополнително да се зголеми ефектот од странските инвестиции.
За одржлив економски раст на долг рок, според Ставрески, неопходни се и домашни инвестиции, за што е потребна поддршка и од страна на комерцијалните банки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


