| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски: Да ја зајакнеме довербата меѓу Македонците и Албанците

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, денеска од говорницата на албанскиот Парламент во Тирана повика на уште поголема соработка и разбирање меѓу македонскиот и албанскиот народ и двете држави.

– Знам дека имаме уште многу можности да ја развиваме политичката соработка и заемното сојузништво, да ги продлабочуваме нашите цврсти културни врски, да градиме поголеми мостови на економска соработка. Има простор за пошироко отворање на вратите на нашите држави за влез на нови инвестиции – истакна Вељаноски.

Односите меѓу македонскиот и албанскиот народ, потенцираше тој, се дел од највисоката агенда на најголем дел од релеватните политички лидери во Македонија, а тие се дел и од неговите врвни политички приоритети како претседател на македонското Собрание, но и како човек.

– Единствено преку комбинација на мерки за натамошно релаксирање на меѓуетничките односи и со силен и бескромпромисен ангажман во насока на јакнење на економијата, ќе успееме да ја зајакнеме довербата меѓу Македонците и Албанците – нагласи Вељаноски.

Претседателот на македонскиот парламент рече дека верува во меѓусебното пријателство, во големата желба за надминување на неколкуте меѓусебни предизвици што ни стојат на патот до нашиот заеднички успех.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top