Албанската влада сака да ги укине општините каде што живеат малцинствата, јавува телевизија „Сител“.
За таа цел се подготвува нов Закон за територијална поделба што треба да стапи во сила за локалните избори во 2015 година. Додека трендот во Македонија и во Европа е пренесување на сѐ повеќе надлежности на локално ниво, со новиот план на албанските власти најмногу ќе бидат погодени малцинствата на Македонците и на Грците во оваа земја.
– Ова за нас е еден последен чекор за асимилирање на малцинствата, конкретно на македонското и на грчкото. Тие се најмногу засегнати со овој закон. Ако се спроведе како што се најавува, бидејќи засега немаме конкретни информации од владата, и воопшто владата не се консултира со малцинствата за овој закон – вели за „Сител“, Васил Стерјовски, генерален секретар на партијата на Македонците во Албанија.
Намерата на Владата е најмалите општини да имаат не помалку од 20 илјади жители, со што двете општини во Гора, двете во Голо Брдо и општина Пустец, населени, главно, со Македонци, ќе се припојат кон мнозински албански општини.
– И овие ако би се припоиле кон мнозински албански општини, сметаме дека за дваесетина години може Македонците тотално да се иселат од овие општини и така да се асимилираме – предупредува Стерјовски.
Македонците овие сериозни проблеми ги посочиле на средбата со народниот правобранител на Албанија, од кој побарале заштита на малцинските права, меѓу другото и со Закон за малцинства, со кои тие ќе бидат признати како малцинство не само во Мала Преспа, туку и во Гора и во Голо Брдо, како и во сите градови каде што живеат.
Албанскиот премиер Еди Рама, иако на почетокот на својот мандат вети подобрување на правата на малцинства, засега не презема никакви чекори, туку напротив, тој и неговите министри ги избегнуваат претставниците на малцинствата. Од Македонска алијанса потсетуваат дека иако три месеци чекаат на средба со министерката за образование за регулирање на правото на образование на мајчин јазик во македонските општини, таа ги игнорира нивните апели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Опозицијата бара враќање на смртната казна во Албанија
-
Албанија од 1-ви јануари ги затвора спортските обложувалници
-
Албанија и Косово водат референдумска кампања за Македонија во своите земји: Партиите во Албанија повикуваат на максимален ангажман во Македонија
-
Во Италија запленети 20 тони дрога од Албанија