19-годишниот Горан Атанасовски и 24-годишниот Адриан се двајцата македонски државјани меѓу 200.000 апликанти од целиот свет кои се пријавија за патување до Марс во еден правец што треба да се случи во 2025 година.
Патувањето на црвената планета го организира холандската компанија „Марс оне“ и не овозможува повторно враќање на Земјата затоа патниците ќе треба на тргнување да се збогуваат со сите што го познаваат во нивните животи. Во нивните апликации Горан и Адриан наведуваат дека се пријавуваат за оваа мисија затоа што ја сакаат вселената и сакаат да откриваат нови места. Што друго велат погледнете тука.
„Марс оне“ веќе го направи првиот чекор кон населувањето на Марс, така што се осигурани партнери кои ќе им помогнат во првата мисија што е планирана во 2018 година. Во леталото треба да се испратат и комуникациски сателити, без човечки екипаж. Оваа мисија треба да демонстрира технологија која ќе се користи при колонизацијата на оваа планета и развој на првата населба на Марс.
Според извршниот директор на компанијата, Бас Лансдорп, мисијата во 2018 година е најважниот и најтешкиот чекор за освојувањето на Марс. Тоа ќе биде прв проект за истражување на друга планета финансиран со приватен капитал (цената за испраќање на првата посада за освојување на Марс би требало да изнесува 6 милијарди долари). Приоритет на мисијата ќе биде демонстрирање на производство на вода на површината на црвената планета.
Потоа треба да почнат подготовките за заминување на човечката посада од четири члена кое првично беше планирано за 2023 година, но сега се предвидува за 2025 година. Патот до новиот дом на колонизаторите ќе трае седум месеци. По првата посада, на секои две години ќе се испраќаат уште по четворица сѐ додека не се произведат поголеми летала за повеќе патници.
Мисијата предвидува и реално шоу со колонизаторите кое ќе се пренесува во живо на Земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.