
По минатонеделната кражба на сефот полн со девизи и со накит на пејачот Зоран Ванев, за само една недела крадците извршиле грабеж и во куќите на соседите на популарната фолк-ѕвезда од Штип, сопственост на економски вештак, на општински службеник во пензија и на штипски гастарбајтер во Австралија кој, по информациите за грабежот, бил на пат кон Македонија, јавува Сител.
Сe уште не е соопштено колку вкупно пари имало во касата на Зоран Ванев, но се смета дека од останатите три куќи бил однесен плен во вредност околу 100.000 евра. Најмногу девизи се украдени од гастарбајтерот, а од економскиот вештак биле украдени 8000 евра. Додека тој излегол да пазарува, крадците ги искршиле сите врати и направиле штета поголема од украдените пари.
-Излегов од дома по 10 часот. Претходниот ден работев нешто со големиот чекан во дворот и го оставив пред врата. Кога се вратив, сите врати од собите ги искршиле со чеканот. Пребарале секаде, и ги однеле парите. Сега ќе ставам нови, железни врати, а чекан во двор никогаш нема да оставам”, вели познатиот штипски економист Б.М.
Истиот ден арамиите краделе и од куќата на општински службеник во пензија. Додека сопственици биле во кујната и појадувале, крадците влегле во куќата од другата страна и, незабележани од никого, избегале со вредни предмети, златен накит и со комплет компјутерска опрема.
По пријавата, полицијата веднаш пристигнала на улицата АСНОМ каде што се куќите на Зоран Ванев и на неговите соседи, но за малку не успеала да ги фати крадците, кои избегале. Се земаат отпечатоци да се утврди дали новите кражби се извршени од лица што минатата недела го однеле сефот на пејачот Зоран Ванев. Неговиот татко сега и ден и ноќ ја чува куќата на синот и чека вест од полицијата за украдениот сеф.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


