| четврток, 6 декември 2018 |

Просторот на Бурмали џамија ќе се брани со протести

Прашањето за Бурмали џамија сега ќе стане политичко прашање, велат од Координативниот совет

burmali-dzamija-000

Просторот на скопскиот плоштад каде порано била Бурмали џамијата ќе го браниме со протести и со сите други расположливи средства, велат од Координативниот совет за возобновување на Бурмали џамијата, од каде денес уште еднаш преку прес конференција  ја изразија својата загриженост поради почетокот на градежните работи за изградба на хотел на тоа земјиште. Тие тоа го сметаат како уште една провокација кон муслиманите во Македонија, што сега ќе се претвори во голем политички проблем.

– Постојаното игнорирање на нашите повеќегодишни барања  до владата за враќање на вакафот и за дозвола за обнова на Бурмали џамијата на местото каде што постоела неколку векови, овие денови за жал го достигна највисокиот степен на институционална дрскост дозволувајќи почеток на градежните работи за хотелот. Ова непромислено дело претставува тешка провокација за верските чувства на муслиманите и удар на и онака кревките меѓуетнички и меѓуверски односи. Затоа бараме Владата, градот Скопје и општина Центар веднаш да ги стопираат започнатите градежни работи на оваа вакафска сопственост и да ни издадат дозвола за обнова на овој битен верски објект. Бараме и од албанскиот политички субјект во владата поодлучно да се ангажира во правец на праведно решавање на ова прашање – вели Јасмин Реџепи од  Координативниот совет за возобновување на Бурмали џамијата.

Од овој совет потсетуваат дека партијата ДУИ, која е дел од владата, во својата програма го има возобновувањето на Бурмали џамија, и очекуваат од таму да добијат поддршка за стопирање на градежните работи на ова место.

– Прашањето за Бурмали џамија сега ќе стане политичко прашање.  Координативниот совет деновиве ќе заседава за да реши на кој начин ќе се постапува, за организирање на протести и други начини на делување- велат од Координативниот совет.

burmali-dzamija-0

Местото каде порано се наоѓала Бурмали џамијата сега е оградено и  се подготвува за изгрдаба на  хотел, како и возобновување на поранешниот Офицерски дом. Двата објекта ќе ги гради грчкиот милијардер Димитрис Кондоминас. Дел од Офицерскиот дом без надоместок ќе го добие  градската власт и тој  ќе се употребува како резиденција на скопскиот градоначалник, а во него ќе се смести и матичната служба. Кондоминас во март 2011 година  го купи ова земјиштето од државата за околу 620 илјади евра. По купувањето на локацијата, инвеститорот вети дека ќе вложи помеѓу 30 и 50 милиони евра во двата објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top