| четврток, 6 декември 2018 |

Има публика нашата „Република“

Билјана Зафирова главен уредник на порталот

 

Почнавме на почетокот на годината. На 11 јануари. Мал тим со голем ентузијазам. Верувавме во себе и во она што го работиме, без оглед на тоа колку ни беше напорно секоја вечер да седиме пред компјутер, да бидеме на терен, да следиме што се случува и да настојуваме секогаш да бидеме први или меѓу првите во информирањето. Кога се формираше „Република“ еден мој многу драг пријател ме запраша: Има ли публика оваа „Република“?

За една година создадовме своја читателска публика, која знаеше да нѐ пофали, да нѐ искритикува, да нѐ посоветува, да ни даде идеја… Денес слободно можам да му кажам дека има публика нашата „Република“. Имаме публика која нѐ следи, која нѐ поддржува и верува во нас. Сега, кога се наближува првиот роденден на „Република.мк“, вие, нашите читатели, ни ја потврдивте довербата која ја имате во нас. Ни го дадовте најубавиот роденденски подарок – сајт на годината 2013 година. Признание кое доаѓа од оние за кои постоиме – публиката, и тоа токму во периодот кога одбележуваме една година од постоењето.

Денес „Република“ има одличен тим, искусни новинари, фотографи, сниматели… Нено, Сани, Горан, Наум, Нена, Владо, Марина, Александар, Јана, Зоки, Бојан, Шеќер, Саше, Џоле, Црни како и нашите колеги од албанската и англиската редакција, маркетинг-службата, техничарите, лекторите, менаџментот… Тоа се „виновниците“ поради кои денеска сум посебно горда што сум дел од „Република“. Тоа се виновниците поради кои „Република“ е вашиот избор. Тимот кој знае да биде ексклузивен, оригинален, брз, точен, забавен… Тимот што понекогаш знае и да згреши, но и да се извини. Тоа е тимот кој бескрајно е благодарен на сите оние кои веруваат во нас, и кои гласаа „Република“ да го добие приматот сајт на годината за 2013.

Ја имаме довербата од читателите, ја имаме довербата од жири-комисијата, ја имаме довербата од бизнис-партнерите, кои умееја да ја препознаат „Република“ како вистинско место за нивната реклама. Секако дека читателите се оние за кои постоиме и работиме. Но, без поддршката од бизнис-партнерите „Република“ не ќе можеше да биде она што е. Нив можеме да им ветиме дека „Република“ останува нивни пријател и во иднина. Веруваме дека заеднички ќе градиме уште една успешна година во која ќе бидеме влијателни кај нашите читатели и нивните клиенти.

Оваа награда е мотивација за нас, поттик полека да ги реализираме идеите што ги имаме. Наскоро почнуваме со нова содржина на нашиот портал – Република ТВ. Нема причина повеќе да чекате вести за да видите што се случува –  гледајте „Република ТВ“ и информирајте се брзо, точно, навремено. Останете наши пријатели за заеднички да ја надградуваме страницата која стана ваше секојдневие. Контактирајте нѐ, критикувајте нѐ, посочувајте ни ги вашите идеи… Република останува посветена на вас!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top