Колкав е ефектот од царинското работење на економски план, односно колку пари се слеваат во Буџетот на РМ?
Каргов: Една од основните задачи на Царинската управа претставува администрирање и контрола на наплатата на царини, ДДВ при увоз, како и акцизи на целата територија на Република Македонија. Заедно со Управата за јавни приходи го собираме најголемиот дел од приходите во Буџетот на Република Македонија. Така, во минатата година Царинската управа наплати приближно 64 милијарди денари, додека заклучно со октомври годинава се наплатени 51,3 милијарди денари. Притоа, приходите наплатени по основа на царини и на акцизи се движат над планот за оваа година и над оствареното во минатата година. Истовремено, Царинската управа перманентно работи на олеснување и на забрзување на постапките за увоз, извоз и за транзит. Воведени се електронски системи за издавање увозни и извозни дозволи, тарифни квоти, транспортни дозволи, одобренија за поедноставени царински постапки и царински постапки со економски ефект и други електронски системи, овозможено е 24/7 царинење на границите со сите соседни држави, доставување царински декларации пред пристигнување на пратките за царинење, можност за намалување или елиминирање банкарски гаранции и други олеснувања. Во овој период се привршуваат три огромни информатички проекти: нов електронски систем за обработка на царински и на акцизни дозволи, кој ќе го замени постојниот застарен систем АСИКУДА, со кој ќе се обезбеди побрзо и поквалитетно процесирање на царинските и на акцизните постапки; нов компјутеризиран транзитен систем, кој ќе овозможи пристапување кон Конвенцијата за заеднички транзит со што ќе се олесни и забрза македонскиот извоз во земјите што се членки на ЕУ; како и софтверска апликација за поврзување со царинската тарифа и други електронски царински системи на ЕУ.
Што е најчесто предмет на шверцување? Се споменуваат текстил, лекови, но во вашите соопштенија се наведени дури и кучиња. Секако, тука се и дрогата, оружјето, па и шверцувањето луѓе – понекогаш доброволно, понекогаш под присила.
Каргов: Предмет на шверц е стока со цел незаконско збогатување со неплаќање увозни давачки и акцизи, забранета или ограничена стока за трговија (дрога, оружје, заштитени животни и сл.), стока што подлежи на разни одобренија во согласност со мерките на трговската политика на Република Македонија (месо и животни, растенија и растителни производи и сл.), која не ги задоволува стандардите на Република Македонија, како и фалсификувани производи со цел профитирање на товар на фирмите иматели фалсификуваните трговски марки и на товар на потрошувачите и буџетот. Покрај класичното запленување стока за широка потрошувачка, оваа година ја карактеризира големиот број запленување дрога (околу 30 случаи во кои самостојно или во соработка со МВР се запленети околу 740 наркотични средства, пред сѐ марихуана), готови странски пари (околу еден милион евра во повеќе од 60 случаи), цигари (претежно при излез од Република Македонија), а во голем број случаи е спречено влегување на илегални имигранти. Но ова е еден аспект на откривање царински измами и шверц – т.н. физичка контрола. Царинската управа врши и документарна контрола при стоковното царинење, односно проверка на валидноста на царинските и на финансиските документи (лажни фактури на помала вредност од фактичката со цел прикажување пониска основица за плаќање увозни давачки, невалидни сертификати за потекло со цел избегнување плаќање увозни давачки, несоодветно тарифно распоредување со цел плаќање помалку царина и др.). Притоа се откриени голем број обиди за избегнување плаќање на увозни давачки и акцизи. Покрај ова, Царинската управа спроведува контрола во финансиската и на царинската документација на фирмите и по спроведеното увозно царинење (како што прави УЈП), при што со детален преглед се утврдува дали царинските и акцизните обврзници редовно, навремено и целосно ги плаќале своите обврски кон државата. При сите овие контроли се откриваат и фалсификувани фактури, патни налози, сертификати за преференцијално потекло на стоката и други видови документи.
Кои техники се користат за откривање нелегална прекугранична активност? Може ли да се изрази во пари колкава штета ѝ се прави на економијата со шверцуваната стока? Или, поточно, колку штета е сопрено да се направи?
Каргов: Царинската управа перманентно работи на унапредување на своите капацитети за спречување и за откривање царински измами и други казниви дела. Притоа, перманентно се унапредуваат и воведуваат нови средства во областа на царинското разузнавање, системот на селективни контроли базирани на анализа на ризик, системите за откривање шверцување и економски криминал, како и методите за контрола на трговски друштва и за развоја на специјалните оперативни царински единици. Покрај обезбедување софистицирана опрема и средства за откривање скриена и забранета стока (скенери, царински кучиња, електронски детектори, опрема за преглед на шуплини, густина, далечина, радијација и др.), се развиваат електронски системи со систематизирани и стандардизирани податоци за профилирање и за насочување кон субјекти и предмети за различен вид контрола, се обезбедува координација со други компетентни институции и надвор од државата за обезбедување информации и за спроведување заеднички акции и друг вид соработка. Но, најважно е преманентното одржување и унапредување на знаењето и на мотивацијата на царинските службеници и оценување на квалитетот на спроведените контроли и мерењето на резултатите од нив.
Потенцијалната штета на економијата е многу тешко проценлива. Царинската управа може да зборува за дополнително наплатени давачки по различни основи. Овој износ годинава, заклучно со септември, изнесува приближно 378 милиони денари. Особено се штетни производите, чијшто увоз или превоз се забранети или подлежат на специјални дозволи. Неколку пакетчиња заболено семе за домати или заразено со штетници, може да го уништи целосното земјоделско производство во определен регион или дури и во целата држава. Неколку говеда заразени со шап и со лигавка можат да предизвикаат непроценлива штета на добиточниот фонд. На крај, непроценливи се човечките животи и здравјето. Исто така, предметите од културното наследство се непроценливи.
Секако, тука се специфичните облици на шверц – радиоактивни материјали, но и шверцот на уметнички дела или артефакти? Како ги препознавате, како излегувате на крај со нив?
Каргов: Што се однесува до радиоактивните материјали, Царинската управа е целосно подготвена за нивно откривање. Граничните премини се опремени со специјални панелни детектори, кои детектираат и реагираат на зголемено ниво на радијација. Царинските службеници се опремени со лични детектори на јонизирачко зрачење, така што е многу неверојатно на територијата на Република Македонија да се внесе радиоактивен материјал. Тука е и одличната соработка со Дирекцијата за радијациска сигурност.
Откривањето и препознавањето археолошки предмети и предмети со културна и уметничка вредност е специфично. По сомневање дека некои предмети се со ваков карактер, Царинската управа се обраќа до надлежните државни институции во рамките на Министерството за култура, од каде добиваме информација за природата на предметите. Се разбира, одржани се повеќе обуки на царинските работници, но тука е неопходна стручна помош. Во оваа насока, кон крајот на овој месец, во соработка со царинската служба на Азербејџан, во Скопје организираме голема меѓународна конференција на тема заштита на културното наследство (покрај спречувањето на нелегална трговија со дрога, цигари и производи што повредуваат права од интелектуална сопственост), на која веќе пријавија учество околу 40 држави од светот и меѓународни организации и институции.
Царинската управа во делот на заштитата на интелектуална сопственост отвори можност дел од фалсификуваната стока – копии на заштитени марки (текстил), да биде донирана / отстапувана во хуманитарни цели. До каде е тој процес, што (може да) се донира и каде?
Каргов: Со измени на Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост (усвоен од Собранието на Република Македонија во мај годинава) воспоставена е можноста за донирање на ваков вид стока на социјалнозагрозени семејства или за помош во случај на елементарна непогода. Ваквото отстапување се врши со Одлука на Владата на Република Македонија, со претходна согласност на имателот на правото и со отстранување на обележјата на трговската марка. Првите постапки се во тек и очекуваме да завршат до крајот на оваа година. Може да се донираат текстил и обувки. Не е предвидено да се донираат технички производи бидејќи доколку се фалсификувани, не се безбедни за употреба.
Во однос на правата на интелектуалната сопственост, Македонија „поседува“ полн капацитет, Ваши луѓе се дел од меѓународни тимови во Африка и во Централна Америка. Какво е нивното искуство, но и повратните информации од таму?
Каргов: Меѓународните тимови во кои учествува Царинската управа на Република Македонија се во рамки на Програмата за градење капацитети на Светската царинска организација. Според оваа програма, царински службеници од напредни администрации во областа на заштита на правата од интелектуална сопственост, во случајов Република Македонија, учествуваат во тимови на СЦО во помалкуразвиените земји. Преку размена на искуства, обуки и конкретни активности, се помага во вкупните светски напори за заштита на ИПР. Истовремено, тоа е искуство и за нашата Царинска управа бидејќи процесот има и повратно дејство, односно ни помага и нам во осознавање нова практика и нови начини за злоупотреба на ИПР. И во овој момент еден наш царински службеник е во Средна Америка (Гватемала) во рамки на акција организирана од страна на Светската царинска организација за спречување трговија со фалсификувана стока и со пиратството.
Каква е соработката со деловната заедница во однос на олеснување, забрзување на процедурите и на таксите? Прашањето се однесува на царинските терминали.
Каргов: Соработката со деловната заедница е одлична. Царинската управа постојано комуницира со деловната заедница на повеќе начини, како што е Советодавното тело со деловната заедница во кое учествуваат стопански комори и здруженија на превозници и шпедитери, отворената линија на Царинската управа 197, системот за поставување прашања преку интернет-страницата на Царинската управа (info@customs.gov.mk), системот за претставки и за предлози, како и директната комуникација со компаниите (во последните неколку месеци Царинската управа организира такви настани во Битола, Скопје, Гевгелија, Струмица, Гостивар, Куманово и во Штип) каде што се разгледуваа прашања од интерес на компаниите. Почнувајќи од декември, заедно со седум инспекциски служби Царинската управа ќе учествува во настани во пет градови каде што ќе се разгледаат прашања поврзани со инспекциските контроли што се вршат во тек на царинската постапка.
Царинската управа се залага место за класично царинење на стока на внатрешните терминали, за царинење на граничните премини, како и за примена на поедноставените царински постапки. Со можноста од гранично царинење максимално се забрзува царинската постапка, економските оператори можат да оцаринат во кое било време што е најпогодно за нив бидејќи царинските испостави на граничните премини работат без временско ограничување (24/7), увозното и извозното царинење на граница се завршува значително побрзо и со едно застанување на возилото, престојот на граничните терминали е бесплатен, се избегнува транзитна постапка и слично. Со увозното царинење на граничен премин се намалува и бројот на потребните документи за увоз и за извоз.
Поедноставените царински постапки овозможуваат брзо, лесно и ефикасно спроведување на увозот и на извозот и најкратко задржување на стоката и се спроведува во просториите на компаниите. Притоа се избегнуваат трошоците што се вообичаени при редовна царинска постапка на царински терминали како што се трошоци за изработување декларации, за влез и престој на царински терминали, за мерење. Едновремено се намалува и времето за спроведување на царинските формалности. Царинењето може да се врши и по редовното работно време на царинските подружници, за време на викенд или празник, што го олеснува планирањето на деловниот процес.
Сѐ уште има барања за редовно царинење на царински терминали во внатрешноста на Република Македонија во работното време и во работни денови и отворање нови. Царинската управа перманентно комуницира со економските оператори и со нивните асоцијации со цел да им ги приближи погодностите од поедноставените царински постапки и граничното царинење, како и да им ги објасни ограничувањата за обезбедување редовно царинење надвор од работните денови и време и отворање нови царински терминали во внатрешноста. Притоа, доколку постои оправданост, економските оператори можат да бараат и да добијат одобрение за царинење надвор од работното време.
До каде е процесот Македонија да биде дел од царинскиот систем на ЕУ? Како што најавивте „времето на чекање на камионите за влез или за излез од Македонија ќе биде сведено на европските стандарди од неколку минути“.
Каргов: Царинската управа континуирано работи на приближување кон законодавството на ЕУ, како и во спроведувањето на многу проекти што имаат за цел подобрување на административните капацитети на Царинската управа. Постојано се врши усогласување на царинското законодавство со законодавството на ЕУ. Во изминатиов период се извршени измени во Законот за царинската тарифа заради усогласување со регулативите на Европската унија, како и укинување на одредени царински давачки со цел да се подобри извозната конкурентност на домашната индустрија.
Во моментов во Царинската управа се развиваат неколку системи што се базираат на размена на електронски документи. Тоа се НСТВ (NCTS) (нов компјутеризиран транзитен систем), кој ќе овозможи електронски транзит, а по едногодишно функционирање на национално ниво и поврзување со транзитниот систем на Европската унија. Се очекува да биде ставен во функција во март в година. СОЦДАД (систем за обработка царински декларации и акцизни документи). Овој систем целосно ќе воспостави бесхартиена околина во царинското работење, која треба да биде во функција во мај 2014 година. ИТО (Интегрирана тарифна околина). Со воспоставување на овој систем (август 2014 година) Царинската управа ќе биде подготвена за поврзување со тарифниот систем на ЕУ. Со изработка на овие системи Царинската управа во најголема можна мера ќе воспостави бесхартиена околина за компаниите и истовремено ќе биде целосно подготвена за поврзување со царинските системи на Европската унија.
Интересни беа измените во однос на Преференцијалното потекло на стоката – Регионалната конвенција за паневромедитерански преференцијални правила на потекло ги замени повеќето протоколи ЕФТА, ЦЕФТА, Договорот за стабилизација и за асоцијација… профункционира ли тој систем и колку тој (ќе) ја олесни работата?
Каргов: Регионалната конвенција за паневромедитерански преференцијални правила е ратификувана од страна на Република Македонија. Со цел да ги почувствуваме придобивките што ги нуди конвенцијата, потребна е измена на постојните договори за слободна трговија со цел да се направи врска меѓу конвенцијата и договорите. Оваа постапка се одвива паралелно кај сите склучени договори за слободна трговија и се очекува во првата половина на следната година Регионалната конвенција да почне и практично да се применува, што би значело и вклучување на Република Македонија во паневромедитеранскиот систем на кумулација на потекло. Ова воедно значи и зголемена можност за проширување на пазарот на увоз на репроматеријали, конкурентно производство во регионот, како и проширување на можностите за извоз на готови производи, кои ќе подлежат на примена на повластени услови при увозот во земјите, кои се вклучени во оваа паневро-медитеранска кумулативна зона. Во прв план придобивките од проширувањето на системот на дијагонална кумулација ќе се почувствува прво со земјите што се членки на ЕФТА, а подоцна и со медитеранските земји во случај на склучување на нови договори за слободна трговија.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Ванчо Каргов е објавено во 63. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.