Сузан Бојл, светска сензација од шоуто „Британија има талент“, за весникот „Обсервер“ открила дека боледува од Аспергеров синдром, невролошко нарушување од аутистичен спектар. 52-годишната пејачка од Шкотска навела дека тоа за неа дошло како олеснување бидејќи со години била малтретирана поради тешкотиите во учењето.
– Сега знам што не е во ред со мене и чувствувам олеснување. Некако сум поопуштена – рекла Бојл.
Бојл сними четири албуми кои се продале во милионски тираж и дури пеела за папата, а една телевизија планира да сними филм за нејзиниот живот.
Аспергеров синдром го карактеризираат тешкотии во социјалната интеракција и ограничени, стереотипни интересирања и активности. Лицата кои страдаат од ова нарушување имаат нормална интелигенција, но им недостига вештина на невербална комуникација, физички се неспретни и не покажуваат емпатија.
Бојл смета дека нејзината дијагноза нема ништо да промени во нејзиниот живот, само што верува дека луѓето сега подобро ќе се однесуваат кон неа бидејќи ќе ги знаат причините за нејзиното необично однесување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


