| четврток, 6 декември 2018 |

Во што да се инвестира идната година?

Во време на бавен глобален раст, агресивни потези на централните банки и парализирани фискални политики во светот, конвенционалните вложувачки правила немаат големо значење.

Токму поради тоа, Блумберг Маркетс собра тим на добри инвеститори кои редовно го надминувале пазарот во изминатите години, па ги прашале каде и како да се вложат парите во 2013 година.

Дејвид Херо, менаџер во Харис Асошиетс, кој раководи со имот вреден девет милијарди долари, тврди дека идната година треба да се инвестира во Јапонија и во акции на технолошки компании.

-Идната година има силен потенцијал и може да биде многу добра за акциите. Треба добро да се погледне Јапонија во која акциите релативно се евтини во споредба со останатите развиени пазари. Исто така, јапонската индустрија се темели на технологијата, која како сектор е многу привлечна за инвестиции. Акциите на технолошките компании оваа година многу бавно растеа, а фундаментите покажуваат дека тие се уште се добра приказна, тврди Херо.

Квинси Крозби, менаџерка во Прудентал Финешл тврди дека вистински избор за 2013 година е земјоделството. Според неа, поради глобалните демографски трендови акциите на земјоделските компании мора многу сериозно да се сметаат. Освен тоа, Крозби препорачува и повеќе изложеност во енергетиката и рударството, бидејќи тие сектори можат да профитираат поради растот на побарувачката во Кина.

Динакар Синг, соосновач на ТГП Аксон Капитал, вели дека идната година треба да се послуша советот на познатиот комичар Еди Марфи:

-Пред десет години Марфи во Сатрдеј најт лајв ги исмејуваше глумците во хорор филмовите. Тие на пример слушаат гласови на духови кои ги бркаат од домовите. Но, наместо да ги напуштаат куќите, сите глумци почнуваат да ги бараат тие гласови, што обично завршува со масакр. Поради тоа на пазарот некогаш подобро е да се послушаат гласовите на духовите, да се напушти пазарот и да се чекаат подобри времиња. Проколнатата куќа можеби е евтина, но нема ни голема вредност, порачува тој.

Крис Леви од Блек Рок е многу поголем оптимист и својот глас го дава на американските акции. Објасни дека американските компании моментално се полни со готовина која во текот на идната година ќе се исплати на акционерите низ дивиденда. Покрај тоа, во идната година американските корпорации очекуваат раст на приходите, наспроти лошиот глобален раст.

Андерас Утерман од Алианз пак препорачува, внимателно купување на должнички вредносни хартии од земји членки на еврозоната. Тој верува дека од ова лето се направени значајни чекори кои водат кон решение на европската должничка криза. Иако деталите од банкарската унија не се познати, а политичката неизвесност и понатаму трае, Утерман тврди дека сите главни ризици во еврозоната се отстранети.

Со таквиот став во целост се согласува и Даг Рамсеј, шеф на менаџментот на Leuthold Weeden Capital.

-Американскиот пазар на долгот појде надоле и за инвеститорите повеќе не е примамлив. Европскиот пазар на долгот, посебно корпоративниот, дава годишен приход од околу четири отсто, што е двојно повеќе од просечен дивиденден приход во САД. Предноста на европскиот пазар на корпоративниот долг е таа што големите глобални инвеститори се уште не ги зголемиле цените на вредносните хартии до небо, заклучи тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top