
Со измената на Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, директоротот на овој орган, кој дејствува под Министерството на локална самоуправа, нема да одговора пред министерот туку директно пред Владата. Ваква одлука денеска донесе Собранието изгласувајќи ги законските измени.
Овие измени беа причина за остри реакции од опозициските албански партии во Собранието. Според ДПА и НДП, Министерството во иднина ќе има двајца министри – Ванчо Шехтански и Тахир Хани.
– Навистина не знам како да ти одговарам, те научиле како да зборуваш бидејќи навистина си испомешала сè, бидејќи Шехтански сега не дава извештај пред министерот, туку директно пред Владата. Не смееш да ја лажеш јавноста. Директорот на инспекторатот го правите шеф над шефовите на ДУИ – вели Орхан Ибрахими, пратеник на ДПА.
– Госпоѓо Сузана Салиу, жалам бидејќи со овој предлог-закон и на тие малку министри што ги имате им се одземаат ингеренциите. Секаков друг коментар е претеран бидејќи со овој предлог вие создавате едно ново министерство – рече Наџи Џеџили пратеник на НДП.
На ваквите критики им претходеше одбраната на пратеничката од ДУИ Сузана Салиу, која застана во одбрана на овој закон велејќи дека не се случува ништо спектакуларно.
– Со овој закон не се случува ништо спектакуларно и ексклузивно бидејќи овој инспекорат ќе функционира во рамките на Министерството и нема сила да ја спречи волјата на народот и на општината – рече Сузана Салиу, пратеничка на ДУИ.
Пратениците на ДПА ги прашаа тие од ДУИ дали знаат кој е Ванчо Шехтански, кој, според нив, е истиот тој што пред една недела им побара на Македонците да не ги продаваат нивните имоти на Албанците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


