Евангелос Венизелос и Џон Кери најмногу разговарале за грчко-македонскиот спор на средбата во Брисел, објавува денеска грчкиот весник „Та Неа“.
Според дипломатски извори, Кери иницирал средба по говорот на Венизелос на работната вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, на која се дискутираше за проширувањето на алијансата, а во тој контекст и за Македонија.
Венизелос на вечерата истакна дека спорот за името не е билатерален, туку отворен меѓународен проблем. Тој повтори дека Грција целосно го почитува процесот кој се води под покровителство на генералниот секретар на ОН, преку Нимиц, за решавање на прашањето за името, „што во суштина е прашање на добрососедство, почитувањето на меѓународното право и стабилност во регионот“.
Дипломатски кругови во Атина коментираат дека Венизелос му ги повторил на Кери веќе познатите „црвени линии“ на Грција: Македонија не може да влезе во НАТО под привремената референца ФИРОМ и време е Скопје да преземе чекори за решавање на прашањето за името. Атина постојано тврди дека таа направила сѐ што е во нејзина можност, и оти сега е ред на Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.