| четврток, 6 декември 2018 |

Филм и концерт на Филхармонија за роденденот на Вагнер во „Милениум“

По повод 200 години од раѓањето на големиот германски композитор Рихард Вагнер институтот „Гете“, Канцеларија за врски Скопје, во соработка со Македонската филхармонија, Кинотеката на Македонија, Друштвото за германско-македонско пријателство и соработка, Битола и Центарот за култура – Битола го прикажуваат филмот „Рихард Вагнер“ (со музичка придружба на Македонската филхармонија).

Филмот во Скопје ќе биде прикажан вечерва во киното Милениум во 20 часот, а во Битола филмот ќе биде прикажан во Центарот за култура – Битола на 6 декември во 20часот.

 Филмскиот концерт во Македонија ќе го изведе Македонската филхармонија под водство на диригентот Хелмут Имиг, еден од најзначајните германски експерти за аранжирање филмски концерти. Хелмут Имиг ја адаптираше за оркестар оригиналната музика од Џузепе Бече.

Со оваа изведба се продолжува низата историски филмски концерти иницирани од Гете-институт, Кинотеката на Македонија и Македонската филхармонија посветени на значењето и зачувувањето на европското аудио-визуелно културно наследство.

Филмот „Рихард Вагнер (Германија 1913), режија и камера: Карл Фрелих, сценарио: Вилијам Вауер, музика: Џузепе Бече, а продукција: Местер филм ДОО, Берлин

Премиерно бил изведен на 13.05.1913 година, Берлин, Германија, времетраење: 102 минути, аулогите ги толкуваат: Џузепе Бече (Рихард Вагнер), Олга Енгл (Козима Вагнер), Мени Цинер (Мина Планер), Миријам Хорвиц (Матилде Везендонк), Ернст Рајхер (Кралот Лудвиг II)…

Реставриран е во EYE Холандски филмски институт, Амстердам, Фондација Фридрих Вилхелм Мурнау, Визбаден

Биографскиот филм настанал во 1913 г. по повод 100-тиот роденден на големот композитор и раскажува за животот на Рихард Вагнер во манирот на „живи слики“ (tableaux vivants’).

Оскар Местер, еден од најагилните филмски продуценти во областа на германскиот нем филм, во 1913 г. добил идеја да направи филм за животот на Рихард Вагнер. Така настанал првиот филм кој ги отсликува сите позначајни моменти од животот на композиторот – почнувајќи од неговите студии и првото вработување во театарот во Бад Лаухштед, успехот и неуспехот во Дрезден, па сè до поддршката од кралот Лудвиг II, кој го поддржувал до крајот на животот. „Рихард Вагнер“ е првиот биографски филм во германската филмска историја, а воедно и прв филм за кој е напишана филмска музика во Германија.

По повод 200-годишнината од раѓањето на Рихард Вагнер ова 100 години старо филмско дело е повторно достапно благодарение на верзијата реконструирана од страна на Фондацијата Фридрих Вилхелм Мурнау и ЦДФ/АРТЕ: појдовен материјал за овој обемен проект била реставрираната филмска копија од Холандскиот филмски институт EYE каде биле сочувани две историски виражирани нитратникопии. Со неговиот реконструиран хроматизам филмот делува како патување низ илузионистичкиот театар на 19 век. Заедно со филмот, реконструираната е и оригинална музика од Џузепе Бече.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top