Избрано е идејното решение за новата Универзална сала, кое е во форма на јајце. Новата концертна сала, која ќе се гради на местото на сегашната, ќе има две сали – една голема со капацитет од 2.500 до 3.000 седишта и една мала со капацитет од 200 до 300 седишта. Идејното решение е на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кое победило во изборот меѓу десетте што пристигнале на распишаниот конкурс.
Архитектот Павлевски откри дека јајцевидниот облик на идната сала симболизира раѓање зашто во Универзална се одржале многу детски фестивали од кои изникнале многу македонски музички ѕвезди.
– Понудивме современо решение со кое мислиме дека Скопје ќе добие нова репер-точка препознатлива во регионот и во Европа – рече Павлевски.
Овој проект едногласно го избрала деветчлена стручна комисија, чиј претседател е архитектот Вангел Божиновски. Комисијата решила да награди пет идејни решенија.
– Со овој проект Град Скопје и Република Македонија ќе добијат нов, модерен објект кој ќе овозможи современи услови за одржување манифестации и настани од секаков вид. Верувам дека Универзална сала ќе биде нов хералдички знак на Скопје, нов културен центар во кој секојдневно ќе се презентираат врвните културни вредности од нашата држава и од светот – рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, искажа задоволство што ќе почне да се реализира значаен проект за главниот град зашто Универзалната сала, рече тој, е на работ на одржливост.
– По подолго време граѓаните на Скопје ќе добијат нова Универзална, со двојно поголем капацитет, современа, со сета можна опрема, така што она култно, културно место во Скопје ќе стане уште позначајно – рече Трајановски.
Сега треба да се објави тендер за избор на фирма-проектант која ќе го изработи основниот проект, потоа тендер за изведувач, и од целата процедура ќе зависи рокот и износот на изградба на новиот објект за кој од буџетот се наменети средства.
Одлуката старата Универзална да не се реконструира, туку на нејзино место да се гради нова ја донесе Владата поради дотраеноста на 50 години старата Универзална, која не може да издржи доградба каква што е потребно, и за да се зголеми двојно капацитетот на седиштата, кои сега се 1.500.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.