Власта и опозицијата мора да направат се што е во нивна моќ за да ја надминат политичката криза. Ова го порача ирскиот амбасадор Оливер Гроган чија земја го презеде претседателството со Европската унија за првите шест месеци од 2013-та.
Овие се суштински два месеци во исчекување на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, смета Гроган. Тој потсети дека решавањето на спорот со името е од клучно значење, а унијата очекува позитивни резултати.
Ирскиот амбасадор се наоѓа во посета на Македонија како претставник на земја актуелен претседавач со Советот на Европската унија, што претставува продолжение на воспоставената пракса за претставување на програмата и приоритетите од тековното претседателство пред институциите на Македонија.
– Ирското претседателство се надева на добар напредок во реформите, добрососедските односи на Македонија и на напредок за решавање на спорот со името – порача амбасадорот.
Претходно Гроган се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
– Доделувањето датум за почеток на пристапните преговори за време на актуелното претседавање на Ирска со ЕУ ќе биде од историско значење за Македонија – рече Попоски на средбата со ирскиот амбасадор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


