Десет градоначалници од Република Македонија, предводени од првиот човек на општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска во Комитетот за региони во Брисел го одржаа Деветтиот консултативен комитет меѓу македонската Заедница
на единици за локална самоуправа (ЗЕЛС) и Европската унија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на денешната средба е утврдено дека во иднина ќе има известувачи, еден од страна на Комитетот на региони од ЕУ и еден од Македонија, кои заеднички ќе изготвуваат извештаи и препораки што потоа ќе бидат доставувани до другите тела на Европската унија.
Според Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС, на овој состанок се споменало и искористувањето на Инструментот за предпристапна помош (ИПА).
– Кога се говори за овие фондови, само еден многу мал дел од нив е достапен за локалната самоуправа. Многу поголем дел останува на централните институции и нивните тела. Ние планираме да побараме поголем дел од ИПА-фондовите да се издвојува за локалната самоуправа, што треба да го побараме во нашата змеја, не во Брисел – вели Перишиќ.
Ѓоко Стрезовски, градоначалник на општина Ресен, во изјава за МИА посочи дека денешниот состанокот минал во исклучително конструктивна атмосфера, благодарение на тоа што од двете страни било искажано огромно задоволство за напредокот што Република Македонија го има во рамки на приближувањето кон ЕУ.
– На овој состанок беше споменато дека Македонија од никого не бара милост, туку само она што го заслужува, местото што територијално и цивилизациски и припаѓа, а тоа е во Европската унија и како дел од големото европско семејство. Единствено што бараме од ЕУ, како фактор кој треба и мора да изврши притисок врз нашиот јужен сосед, тоа е Грција да ги
почитува двата стратешки документи со Македонија – Привремената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, вели Стрезовски.
Стрезовски имаше и настап на денешниот заеднички комитет, на кој укажа на многуте реформски зафати и активности на Македонија во рамки на исполнување на европските стандарди, неопходни за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вклучително и се она што треба да го исполнат општините и регионите како посебни административни единици што
најмногу имаат влијание во користењето на парите од Брисел преку предпристапните фондови.
– Засега тоа не е на некое завидно ниво, но сето она што го работиме го правиме во насока на воспоставување подобри услови во тој правец, додаде Стрезовски.
Државниот секретар во Минситерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска- Гугоска посочи дека тие како Министерствосе вклучени во Консултативниот комитет што за нас е важно оти тоа е можност за визибилност. Таа вели дека македонското министерство е вклучено и во децентрализација, во регионалниот развој, но и во ИПА-2 прекуграничната
компонента во која општините имаат директен пристап до европските фондови.
– Ние како министерство што го координира овој процес ги објавуваме повиците, прилично сме задоволни и го истакнавме тоа и на овој состанок, како што е одличната соработка како со Грција, така и со Бугарија и, на страна некои несогласувања кои постојат со овие две земји, локалната смаоуправа нуди решенија како да се унапредат меѓусоседските односи. Имаме конкретни примери на проекти, кои се финансирани на овој начин и Министерството за локална самоуправа и понатмау продолжува да ги поддржува општините да искористуваат што поголем дел од ИПА-средствата, посочува Цветановска-Гугоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.