| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Да и се даде поддршка на ЕК да се реализираат препораките за Македонија

За Република Македонија, исто како и за Европската комисија, главниот предизвик останува недостатокот на одлука од страна на Европскиот совет и легитимно е прашањето во однос на тоа кои треба да бидат следните чекори оти Европската комисија би била во деликатна ситуација само да продолжи да повторува препораки, а на Советот да се одлага тоа прашање.

Ова го вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, како одговор на ставот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кажан на денешната дебата за Западен Балкан, на која Филе побара од змејите-членки на Унијата да кажат што планираат со евроинтеграцијата на Македонија оти е неиздржливо ЕК да предлага, а Советот да одлага почеток на пристапните преговори.

Според министерот Попоски, кој исто така говореше на денешната конференција во Брисел, се работи за предизвик со кои треба заедно да се соочат ЕК, земјите-членки и Република Македонија, со цел да се дојде до ситуација во која онака како што самиот процес е предвиден, зависно од остварувањата, да има отпочнување на следната фаза.

– Македонија петта година ги има исполнето критериумите за водење на преговори, па недостатокот на одлука на Советот не ни помага да оствариме дополнителен напредок од аспект на процесот кој се води со Европската унија. Најдоброто решение е она кое го предлага Европската комисија, а тоа е отпочнување на процесот на преговори и работење заедно со онаа земја-членка што досега имала недостаток на волја за поддршка на тој процес, за надминување на сите преостанати билатерални прашања, што всушност е и наш интерес оти не можеме долгорочно да сметаме дека ќе го прошириме тоа поле на стабилност и добра регионална соработка ако не ги надминеме сите отворени прашања. Во таа насока ќе биде добро да и се даде поддршка на Еврокомисијата за да не биде доведена во ситуација само да ги повторува препораките, порачува Попоски.

По средбата со претседателот на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) при Европскиот парламент, Елмар Брок, македонскиот шеф на дипломатијата посочи дека за сите во Брисел е најзначајно да не се загуби од фокусот клучната димензија на евро-интеграцијата, а тоа е проширување на полето на европска благосостојба.

Во тој поглед, општа констатација беше дека резултатите што ги имаат постигнато различни земји не се секогаш поврзани со степенот на интеграција и политички процес на одлуките што се носат во однос на пристапувањето не се секогаш во тесен сооднос со резултатите што се постигнати во однос на реформите и во однос на економските резултати.

За земјите од Југоисточна Европа најзначајно ќе биде опстојување на патот на спроведување на реформите што се значајни пред се за самите нив, а не само заради исполнување на определени критериуми, односно онака како што самиот констатираше комесарот за проширување Штефан Филе, вели Попоски и додаде дека во тој поглед, најмногу ќе зависи од
земјите-членки какви резултати ќе испорачаат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top