| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески побара повеќе пари од претпристапните фондови на ЕУ за инфраструктурни проекти

mile janakieski

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска учествува во годишната средба на министри за развојот на сеопфатна мрежа на SSETO (Транспортна опсерваторија на Југоисточна Европа), која се одржува во Брисел, Белгија.

Во рамките на средбата, министерот Јанакиески се обрати на сесијата на тема „Предизвици и можности за финансирање“, каде ги презентираше проектите кои се реализираат во Република Македонија во насока на подобрување на транспортната инфраструктура.

Во своето обраќање на министерската конференција, министерот Јанакиески ги претстави капиталните проекти за изградба и обновување на железничката и патната инфраструктура во Република Македонија.

– Во следниот плански период 2014-2020 имаме амбициозни цели – нашиот фокус ќе биде насочен на развивање на железничката мрежа во Република Македонија и подобрување на безбедноста во патниот и железнички сообраќај. Во оваа прилика, би сакал да испратам јасна порака до членовите на Европската комисија дека и во следниот плански период, треба да продолжиме на претходно поставениот курс што значи да продолжиме да инвестираме долж SEETO – сеопфатната мрежа, истакна Јанакиески.

Во своето обраќање, министерот Јанакиески побара повеќе средства од претпристапните фондови на Европската Унија за програмскиот период 2014-2020 во делот транспорт, со цел реализација на инфраструктурни проекти.

Исто така, министерот Јанакиески посочи дека „Европската унија треба да одвои повеќе средства за развој на SEETO – сеопфатната мрежа. На овој начин, регионот на Југоисточна Европа ќе биде целосно интегриран во Европската Унија, и ќе се овозможи слободен проток на луѓе и стоки и либерализирана и функционална пазарна економија.“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top