Денеска се очекува пратениците во рамки на 77 седница на Собранието да гласаат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка. Со цел подобрување на социјалната положба на корисниците на пензија во Законот се предлага усогласувањето на пензиите во 2014 година да изнесува 5 отсто. Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими вчера рече дека само во 2013 година вкупното зголемување на пензиите заедно со редовното усогласување изнесува 7,35 проценти.
– Во однос на пензиите од 2006 до 2013 година просечната пензија е зголемена дури за 50 проценти. Најниската пензија во државата е зголемена за 64 проценти, а највисоката за 33 отсто, посочи Ибрахими.
Миле Пачемски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Законот нуди зголемување на пензиите на сите пензионери во Македонија почнувајќи од март идната година за вкупно 5 отсто или поточно станува збор за усогласување на пензииите за 5 отсто од март идната година.
– Усогласувањето не е процентуално, туку линеарно. Тоа е во интерес на оние пензионери кои се корисници на пониските пензии така што нивното покачување би било поголемо. Проценките кажуваат дека околу 600 денари би било тоа зголемување на пензиите. Тоа е добро решение кое Владата го има веќе неколку години, а тоа е да се помогне пред се на оние пензионери кои имаат пониски пензии, каде што ќе имаме процентуално кажано поголемо покачување отколку кај оние што имаат поголеми пензии, рече Пачемски.
Изминатите шест седум години, нагласи тој, имаме покачување на пензиите просечно за 39 отсто во Македонија, најниската пензија е покачена за 61 до 64 отсто, а највисоката околу 33 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ново продолжение на Собранието за бришење на РМ утре во 11 часот
-
Предлог законот за амнестија на лицата обвинети за „27. април“ не е усвоен
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството
-
Почнува собраниската расправа околу ребалансот на Буџетот


