| четврток, 6 декември 2018 |

Нови кодоши: писател и директор на училиште

Комисијата за верификација на фактите утврдила дека познат писател и поранешен член на Советот за радиодифузија, како и директор на училиште во Кичево биле соработници на тајната полиција.

Писателот, добитник на највисоки признанија, во поранешниот систем следел колеги и уметници кои ширеле македонски национализам, а ангажманот му завршил кога заминал надвор од државата. Директорот на училиштето во Кичево соработувал во периодот на плурализмот, земал и пари за своите услуги, а следел албански националисти.

Од Комисијата додаваат дека писателот бил член на Советот за радиодифузија од 2006 до 2008 година, поранешен претседател на Друштвото на писателите на Македонија, добитник на високи државни признанија од областа на литературата и културата. Поранешниот училишен директор во Кичевско бил ангажиран како оперативна врска и информатор констулант во периодот од 1990 до 1998 година.

Комисијата по втор пат ги лустрираше екс амбасадорот во Полска Петре Наковски и поранешниот секретар на службата за државна безбедност Хетем Адеми. Ги отстраниле недоследностите и со дополнителни докази повторно ги лустрирале.

Воената разузнавачка служба не испратила одговори по барањето на лустраторите, па се уште не се лустрираат општинските советници.

Во врска со работата на Комисијата, Јанаќе Витановски и Благоја Гешовски предложени од СДСМ денеска и официјално ги доставија своите оставки во Собранието. Нивното разрешување треба да го верификуваат две третини од пратенците.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top