| четврток, 6 декември 2018 |

Кина

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Огромната држава со најголемата популација во светот повторно се буди. Ова будење ќе предизвика нови, драматични промени во светот.

Кина е култура со непоимлив континуитет кој постои од најдревните времиња. Единствено Индија може да се спореди со ова „небесно царство“, кое има цивилизациски континуитет од преку четири милениума.

Човештвото одамна создало свој дом во оваа неспоредлива земја. Во Кина, на пример, има докази за постоењето на човекот уште од длабоката праисторија. Тоа ни го потврдуваат фосилните остатоци од ткн. „синантроп“ или кинескиот човек, чија старост се проценува на најмалку 500 милениума. Кина е голема земја, која има неверојатна географска конфигурација, но и многу распространет био-диверзитет со неколку специфични климатски зони. Во ваква средина очекувани се фасцинантните резултати на еволуцијата на човекот, кои во континуитет даваат воодушевувачки бенефити за целокупното човештво. Многу цивилизациски и културолошки иновации се случиле токму во Кина. Нејзината, пак, богата историја сведочи за несогледливото опстојување во хаосот на простор-времето, во кој помалку жилавите и помалку прилагодливите народи престанале да постојат. Но, кинескиот народ не само што одолеал на овие тешки искушенија кои се ределе низ неговото долготрајно постоење, туку успеал да создаде еден непоколеблив идентитет со богатството на својата меморија, која содржи неверојатни периоди на благосостојба и сиромаштија, на победи и порази, на доминација и колонијализам и, конечно, да ги надмине сите ужасни премрежја на модерниот свет и конфликтите кои одат со него и да се издигне во супер-сила, која во современието застанува како лидер на оној дел од човештвото, кој со векови стенка во канџите на западниот колонијализам. Кина е новата надеж на овој хаотичен свет, кој како да западнал во тотален очај од дејствувањето на веќе потрошениот американски империјализам. Уште на почетокот на 19 век Наполеон Бонапарта изјавил – Таму, далеку, во Азија лежи заспан џин, кој кога ќе се разбуди, целиот свет ќе се потресе. И, еве, дојде времето, кога тој заспан џин се буди сè повеќе и повеќе, а остатокот од човештвото гледа во него со стравопочит. Оние, пак, најрепресираните чинители на светот гледаат и со надеж, дека нештата сепак конечно ќе се променат на подобро. Моќта и мудроста на оваа древна култура до некаде им дава за право во кинеската сила, која сè повеќе и повеќе го преплавува светот и навистина да перцепираат еден беневолентен џин, со конструктивни и правични намери.

Чудесна е историјата на оваа древна империја, која најде начин во ова време на безидејност да пронајде позитивна визија и да му понуди еден нов модус вивенди на остатокот од светот, потонат во несогледлива криза. Впрочем, нејзиниот пример од минатото, кога Кина го изгради одбрамбениот ѕид, кој требаше да ја заштити од варварските наезди од север, е единствен тип на стратегија, повеќе вперена навнатре, кон сопствените цивилизациски предизвици, отколку нанадвор кон освојување на територии и народи и секако, политичка и културолошка доминација над истите. Ова многу говори за кинескиот менталитет, кој сведочи за една интроспективност, хармоничност и желба за самоконтрола. И токму оваа смисла за мерка во сите нешта, па така и во општествените релации ја легитимира кинеската цивилизација како единствена на планетава. Можеби токму затоа оваа огромна земја најде начин да опстои, наспроти огромниот број предизвици, кои се појавиле на нејзиниот милениумски пат. Но, секако, и мудроста тука не недостасува. Кина е родителка на многу доблесни востреми на светско ниво. Уште 5 века пред новата ера во Кина се појавија личности, кои со својата духовност и мудрост сè уште го пленат човештвото. Такви се Лао Це, на пример, неспоредлив философ и духовник, авторот на „Тао-те-кинг“, едно од најсуптилните духовни и философски дела во историјата на човештвото, или Конфучиј, мудрец, философ и државник, етичар, кој говори за општествените хармонии и доблесното владеење и живот, или Чуанг Цу, вдахновен поет на сонот и јавето. Сето ова, секако, се должи и на кинеската писменост, една од најстарите во светот. Без ваквата книжевна традиција тешко дека би се појавила и книгата на промените – „Ји Џинг“, која ја создавале генерации мудри опсерватори на битието и природата. Творечката генијалност на кинескиот народ во сферите на науката, книжевноста и уметностите е несогледлива. Фините занаети, медицината и астрологијата на другите култури, како да не можат да се споредат со супериорноста, што ја изнедрила оваа мистериозна земја. Суптилноста и трпението се иманентен дел на кинеското постоење и творештво. И мудроста на големиот учител на човештвото, Гаутама Буда ја благослови оваа сјајна цивилизација. Оттука произлезе и уметноста на зенот – непоимлив, но делотворен. Вистински блесок на мудроста. Кинеската културна традиција ја описмени и цивилизира цела источна Азија, а денес оваа неверојатна творечка виталност го фасцинира целиот свет.

Кина го помина колонијалниот капитализам и поднесе големи жртви. Таа ја поднесе и Втората светска војна, и суровата јапонска окупација, и комунистичката револуција, и маовата тоталитарна репресија, и секогаш наоѓаше сили да излезе посилна и помудра од сите овие историски драми. Таа успеа социјализмот да го прилагоди на новите состојби во светот со мудрост и трпение. Пред Кина има уште многу пат до совршенството на постоењето, но таа има време и знае како.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top