Атинската полиција од „безбедносни причини” ја забрани поворката на неонацистите со цел да го избегне судирот со учесниците на две антифашистички демонстрации, организирани истата вечер, и затвори три станици на подземната железница во центарот на грчката престолнина.
-Ние сме најголемата „злосторничка организација“ на светот, во нашите редови има милион луѓе. Денеска нашата злосторничка организација собраа тука 50 илјади луѓе, но наскоро ние ќе собереме уште повеќе поддржувачи, изјави од говорницата на митингот портпаролот на Златна зора и пратеник Илиас Касидиарис против кого се покренати повеќе кривични дела, вклучително и за организирање и управување со криминална организација.
Во грчките медиуми забележливи се големите разлики во процените за бројноста на митингот, па така припадник на обезбедувањето на настанот од „Златна зора“ изјави дека биле присутни 20 илјади луѓе, додека полициски офицер бројот на учесниците на протестот го процени на околу илјада.
Митингот се одржа под мотото „Не за затворите за националистите – Грција ќе победи”, над масата имаше развиорени стотици грчки национални знамиња а многу од присутните на почетокот запалија факели. Во Атина, како што известуваат медиумите, вечерта допатувале и припадници на партијата од повеќе региони на земјата, а со поздравни говори се обратиле претставници на партијата од регионите Македонија, Крит и Јонските острови.
Нивните говори содржеле жестоки критики на сметка на владата на премиерот Антонис Самарас, којашто според претставниците на Златна зора, по налог на САД и другите странски центри на моќ води „валкана пропаганда” против партијата.
На митингот се обратиле и сопругата на притворениот челник на Златна зора, Никос Михалолиакос – Елена Зарулиа и таткото на „вториот човек во раководството на партијата” Христос папа – генералот Илиас Папас, кој во времето на воената хунта од 1970-те беше дел од блиското окружување на лидерот на хунтата Јорос Пападопулос.
Митингот завршил со едноминутно молчење во спомен на двајцата членови на партијата коишто беа убиени на 1-ви ноември, и со пеење на партиската и националната химна. Според атинската полиција, не се регистрирани инциденти во текот на одржувањето на митингот, а учесниците си заминале организирано со автобуси.
Но и покрај жестоките напади од власта, неонацистичката Златна зора останува третата најпопуларна партија во Грција, и според различни анкети ужива доверба меѓу 6 и 10 отсто кај граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.